Фото: Фејсбук/РТВ Луковац

Во основното училиште „Лукавац Град“ во Лукавац на североистокот на Босна и Херцеговина утринава дошло до пукање, во кое малолетник поранешен ученик, пукал во помошникот директор и професор по англиски јазик Недим Османовиќ.

Наставникот е во критична состојба, а напаѓачот е уапсен, соопштија локалните власти.

Министерот за образование на кантонот Тузла, Ахмет Омеровиќ изјави дека нападот го извршил поранешен ученик на училиштето, кој во текот на полугодието бил префрлен во друго училиште, поради дисциплинска мерка.

Министерството за образование на кантонот Тузла донесе одлука учебната година да заврши денеска во сите основни и средни училишта.

Универзитетскиот клинички центар во Тузла соопштил дека ранетиот наставник е во критична состојба и дека лекарите се борат за неговиот живот.

Новинар разговарал со роднина на ранетиот наставник, кој рекол дека минатиот месец го предупредил МВР на Тузланскиот кантон и дека биле регистрирани закани од ученик кој бил избркан од училиште поради недолично однесување, поради што била организирана родителска средба.

Роднината додаде дека полицијата му кажала дека се работи за малолетно лице и дека не можат да откријат повеќе детали за истрагата што ја водат, но дека направиле се за да го спречат нападот.

– Роднината рече дека очигледно ништо не е направено со оглед на тоа што, како што ни опиша, малолетникот буквално влегол во училиштето вооружен со пиштол, а потоа го барал наставникот по англиски јазик, кој е и заменик директор на училиштето, бидејќи сметал дека е одговорен за одлуката да биде избркан од училиштето и затоа пукал во него. Потоа дошол во центарот на градот каде што бил уапсен – пренесува новинарот на „Ал Џезеира“.

– Осомничениот за пукањето е дете кое сè уште ненавршило 14 години (родено е на крајот на јуни 2009 година). Детето е приведено во СВР Лукавац. Откако испукал неколку истрели кон наставникот и со еден истрел го погодил, го фрлил пиштолот кој бил пронајден и ќе биде предмет на вештачење, се вели во соопштението на МВР на Луковац.

Тие додаваат дека дежурниот обвинител врши истражни дејствија и врши надзор над истрагата, а обвинителот за малолетници е вклучен во преземање на понатамошни мерки и дејствија во однос на детето. Веднаш бил вклучен и Центарот за социјална работа, а во тек се контакти со одредени медицински и други надлежни институции во однос на третманот на детето согласно Законот за заштита и третман на деца и малолетници во кривичната постапка.

– Детето (на возраст под 14 години) е под полициски надзор во просториите на полициското одделение Лукавац, стои во соопштението.