Фото: МВР

Брзо и ефикасно се делуваше во врска со вчерашниот напад врз македонски државјанин од Лабуниште. Напаѓачот на лицето е пријавен, а земени се и изјави од страна на очевидците, така што случајот е расчистен, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговорајќи на новинарско прашање.

Спасовски напомена дека пријавата и земањето на изјавата од оштетениот се одвиваше во медицинскиот центар. Известен е јавниот обвинител и по прибирањето на сите материјални докази ќе бидат поднесени пријавите.

-Изјавата од оштетениот се одвиваше во медицинскиот центар, бидејќи отидоа полициските службеници, да се пријави целиот овој настан. Така што, овој случај е расчистен. Има спротиставени мислења во делот на материјалите кои се обезбедени. Јас оставам сите материјали да бидат проценети и од колегите и од Обвинителството. Крајните насоки ги дава Обвинителството и ќе биде поднесен соодветен поднесок. Меѓутоа, важно е дека брзо и ефикасно се делуваше, и ние го имаме сторителот – изјави Спасовски во одговор на прашање по посетата на единицата за службени кучиња во Хиподром.

МНР апелира за воздржаност од предвремени квалификации за нападот врз претседателот на бугарското здружение во Струга

Инаку, вчера околу пладне жител на струшкото село Велешта физички нападнал лице од селото Лабуништа. Министерството за надворешни работи испрати апел за воздржаност од предвремени квалификации се до целосно расчистување на случајот во врска со вчерашниот напад врз државјанинот на Македонија, Б.К. од Лабуниште.