Истражувањата на територијата на БиХ ги вршеше швајцарската компанија, која објави дека во близината на Лопаре открила големи количества литиум, за што најави дека ќе побара и дозвола за рударење од ресорното ентитетско министерство

Во Босна и Херцеговина

Во Босна и Херцеговина во местото Лопаре кај Бања Лука е пронајдено потенцијално наоѓалиште на литиум. Оваа локација е оддалечена педесетина километри од Лозница во Србија, каде што во текот на 2021 и 2022 година месното население организираше протести поради отворањето на рудникот на литиум и ризикот од загадување на земјиштето и животната околина. Истражувањата на територијата на БиХ ги вршеше швајцарската компанија, која објави дека во близината на Лопаре открила големи количества литиум, за што најави дека ќе побара и дозвола за рударење од ресорното ентитетско министерство. Населението во оваа неразвиена општина со околу 15 илјади жители е поделено околу можноста за отворање рудник на литиум.
Радо Савиќ, градоначалник на Општина Лопаре, за Радио Слободна Европа изјави дека граѓаните преку референдум ќе одлучат дали сакаат експлоатација на литиум, но откако сите извештаи на релевантни институции ќе покажат дека отворањето на рудникот нема да влијае на животната средина.
– Во оваа фаза на истражување е потврдено постоење на оваа суровина во тоа подрачје. Далеку сме од експлоатација и за развивање на производство – изјави Петар Ѓокиќ од Министерството за енергетика и рударство во Република Српска.
Од компанијата „Аркоре АГ“ ветуваат реализација на производен процес и економски раст на општината, со отворање илјада локални работни места и индиректни вработувања на меѓу три и пет илјади лица. Прелиминарните процени на резервите се околу 2,4 милиони тони литиум карбонат и околу 33,1 милион тони борна киселина, што е мошне голем ресурс во европски рамки, се наведува во информацијата за проектот на интернет-страницата на Европскиот институт за литиум.
Драган Остиќ од Центарот за животна средина истакнува дека сѐ уште не е запознаен со проектот за експлоатација на литиум во лопарскиот крај, но вели дека знае дека по правило ваквите проекти имаат негативно влијание врз природата и луѓето.
– Експлоатацијата на литиумот сама по себе е многу штетна за животната средина, пред сѐ поради целиот хемиски процес што е потребен за да се добие еден килограм или еден тон литиум од рудата – вели Остиќ за РСЕ.

Од рударскиот, геолошкиот и градежниот факултет во Тузла велат дека локацијата Лопар е локалитет за кој одамна е познато дека има многу литиум и дека „рударската вена“ се протега на исток преку границата со Србија, кон областа Лозница.
Кемал Гутиќ, декан на РГГФ од Тузла, посочува и дека од истражувањето до отворањето на рудникот може да поминат од пет до 10 години.
Европската комисија разви планови за зелена транзиција заради справување со климатската криза. Ова подразбира транзиција од фосилни горива кон почиста енергија од обновливи извори, како што се ветерот и сонцето.
До 2035 година се планира да се забрани продажбата на возила со мотори со внатрешно согорување и да се овозможат широкодостапни електрични возила.
За ова се потребни големи количества литиум, кој е клучна компонента на батериите за полнење потребни за електричните автомобили. Ова е причината зошто литиумот е вклучен во листата на критични суровини со ризик од недостиг од страна на Европската комисија уште во 2020 година.
Според податоците на Геолошкиот институт на САД од јануари 2021 година, околу 71 отсто од ископаниот литиум завршува во батерии, а тој процент е во пораст во претходните години.
Повеќето руди што го содржат овој метал се ископани во Австралија, Аргентина, Чиле и во Кина, а руди богати со литиум се пронајдени и во Србија, Австрија, Чешка, Германија и Шпанија.