Србија
Училиштата во повеќе српски градови вчераутро се најдоа како цел на сајбер-напад, поради што надлежните решија наставата да се одржува онлајн, пишуваат српските медиуми. Училиштата ќе ги информираат учениците и нивните родители за начинот на организирање на наставата и враќање во училишните клупи, велат оттаму.
Дојавите за подметната направа стигнале на е-адресите на стотина основни и средни училишта, соопшти Министерството за образование на Србија.
„Пријавите пристигнаа на е-адресите на 134 основни училишта на територијата на Училишната управа на Нови Сад, како и во некои училишта во Пирот, Ниш, Бабушница, Власотинце, Лебане и Куршумлија“, се наведува во соопштението.
Заради безбедност на учениците, училиштата го информирале министерството за заканата и полициски екипи се на терен, се додава во соопштението.
„До крајот на полагањето, наставата ќе се одржува онлајн, а учениците ќе бидат вратени во клупите, по потврда дека состојбата е безбедна. Училиштата преку редовни комуникациски канали ќе ги информираат учениците и нивните родители за начинот на организирање на наставата и враќање на директната настава“, додаваат од Министерството за образование на Србија.
Медиумите потсетуваат дека ова е продолжение на дојавите за бомби низ Србија. Пред два дена бомба била пријавена во Клиничкиот центар во Војводина по електронска пошта, но немало потреба од евакуација.