Словенија ја отстранува жичената ограда против мигрантите
Бројот на илегални преминувања на словенечката граница е во пораст и тоа е зголемување од 75 отсто во текот на првите шест месеци годинава
Словенија ќе ги отстрани жичените огради и панелните делови на границата со Хрватска, бидејќи не ги исполни своите намени, објави новиот словенечки премиер Роберт Голоб. Во текот на мигрантската криза во Европа во 2015 и 2016 година, преку Словенија поминале половина милион мигранти, кои се движеа кон Италија или Австрија. Тогашната власт во Љубљана подигна околу 200 километри жичена и панелна ограда, што покрива третина од должината на нејзината граница со Хрватска.
– Жичената ограда не ја оправда својата намена, а тоа е да ги обесхрабри мигрантите да ја поминат нашата граница – изјави Голоб, потсетувајќи дека отстранувањето на оградата било предизборно ветување на неговата либерална партија Слободно движење.
Премиерот на Словенија нагласи дека бројот на илегални преминувања е во пораст и тоа е зголемување од 75 отсто во текот на првите шест месеци годинава, во однос на истиот период од 2021 година. Организацијата за човекови права и полицијата предупредија дека поради оградата мигрантите користат опасни патеки за преминување на границата, со што се изложуваат на ризик да ги изгубат животите.
Премиерот, исто така, изрази незадоволство од условите за сместување во центрите за азил и најави потези за нивно подобрување и за забрзување на процедурите за регулирање на статусот на мигрантите.
– Сега имаме многу лоша ситуација во центрите за азил и домовите за мигранти бидејќи претходната влада не сакаше да се справи со овој проблем – рече Голоб, објаснувајќи дека центрите се преполни поради илегалните мигранти фатени од полицијата додека ја минуваат јужната граница поради предолгите бирократски процедури на кои се изложени.