Фото: Твитер/Сквид гејм

Навидум обични детски игри играат натпреварувачите во популарната јужнокорејска серија „Сквид гејм“ („Игра на лигњи“). Меѓутоа, оној што губи – умира. Серијата, којашто се искачи на врвот по гледаност на „Нетфликс“, повторно ја разбранува јавноста. Овојпат „Нетфликс“ одбира учесници за реално натпреварувачко телевизиско шоу засновано на нивната најпопуларна серија на сите времиња.

Според наводите, тоа нема да биде игра на живот или смрт, како во јужнокорејската дистописка драма. Наместо тоа, 456 учесници од целиот свет ќе учествуваат во натпреварувањето во кое „најлошата судбина е да се отиде дома со празни раце“, а наградата е 4,56 милиони долари.

– Додека играчите се натпреваруваат во низа игри инспирирани од оригиналното шоу – плус нови изненадувања, нивните стратегии, сојузи и карактер ќе бидат ставени на тест бидејќи конкурентите ќе бидат елиминирани – се додава во соопштението на организаторите.

Кога се појави „Сквид гејм“ голем број деца почнаа да ги имитираат игрите од серијата, а во таквите игри имаше и повредени. Бурни реакции имаше низ целиот свет, најмногу од родителите, но и од воспитно-образовните установи.

– Децата учат имитирајќи го надворешниот свет. Тоа им помага да се чувствуваат прифатено и како дел од заедницата. За жал, многу деца се принудени да имитираат нешто што не сакаат бидејќи врсничката група ги насочува на истото. На пример, ако не ја знаеш и не ја играш играта, не треба да си дел од нашето друштво. Денешните деца се носат со многу социјални притисоци. На пример, за да го заслужат и освојат своето место меѓу врсниците тие честопати прават работи со кои би ги фасцинирале и воодушевиле со цел да порасне супериорната слика во очите на врсниците, а со тоа да добијат и подобар третман од нив – вели психологот за деца.

Христина Стефановска/Фото: Приватна архива

Серијата е означена како забранета за деца под 15 години. Британските медиуми пишуваа дека глобалниот феномен „Сквид гејм“ предизвикува загриженост кај некои училишта во Велика Британија поради влијанието што серијата го има врз тинејџерите, а директорите апелираа до родителите да им забранат на децата да го гледаат овој хит на „Нетфликс“. Тамошните медиуми пишуваа дека тинејџерите почнале разни предизвици, победниците, исто како и во серијата, добивале одредена сума пари, а губитниците биле изложени на сериозни физички повреди. Трагедии се случуваа и низ училиштата низ Соединетите Американски Држави, каде што децата за време на одморите играле според игрите во серијата и притоа биле извршувани насилни казни.

Според психолозите, реалните шоуа се уште поопасни од сериите, затоа што навидум се многу поблиски до „вистинскиот“ живот, а со тоа и многу полесни за имитирање.

– Реалните шоуа од ваков карактер се деструктивни за личноста на децата што растат и се развиваат, градејќи им нов систем на вредности, рушејќи го оној систем на вредности што му е потребен на човештвото. Таквите реални шоуа се на некој начин борба за опстанок, а во таква борба за опстанок најмногу се продуцира агресија и насилство – без разлика од каков вид – вели Стефановска.

Сепак, децата не можат целосно да се изолираат од медиумското влијание, посебно не во време кога сѐ им е леснодостапно на интернет. Од најголема помош во вакви ситуации се родителите и надлежните, кои, за жал, не можат секогаш да имаат увид во работите што се нудат преку интернет.

– Постојат родители што го дозволуваат ваквиот медиум за детето, од аспект што мислат дека така детето подобро ќе се вклопи во средината. Некогаш дозволуваат бидејќи и самите не знаат за што станува збор, а некогаш се и целосно неинформирани за тоа на што е изложено нивното дете. Во светот на дигитализација, профит, моќ, тешко е да се пронајдеме себеси и поради тоа е потребна поголема одговорност и будност на човештвото бидејќи, нели, едно дете не го воспитуваат само родителите туку целото општество – додава психологот Стефановска.

Во средата, платформата објави дека новото реално шоу од десет епизоди – „Игра на лигњите: Предизвик“ (Сквид гејм: Челинџ) – ќе ја понуди „најголемата еднократна парична награда во историјата на реалното ТВ“.

Учесниците мора да имаат најмалку 21 година. Задолжително е да зборуваат англиски и да бидат достапни до четири недели на почетокот на 2023 година, за снимањето.
„Нетфликс“, исто така, потврди дека популарната телевизиска серија ќе има и втора сезона.