Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот на Албанија Еди Рама, во врска со обвинувањата на косовската Влада кон специјалниот пратеник за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, рече дека тоа се работи кои „оставаат без зборови“ и кои предизвикуваат поголема штета, наместо да ја подобрат ситуацијата, наведувајќи дека патот што го избра Албин Курти не е патот до целта.

Во интервју за „Еј-би-си њуз“ Рама изјави дека пристапот на Приштина и помага на Србија, бидејќи, според него, Србија станува жртва во очите на целата меѓународна заедница и на косовските пријатели и партнери, пренесува „Косово онлајн“.

– Реакцијата на премиерот Курти пред неколку дена беше без преседан. Не се сеќавам на сличен случај, висок претставник на Косово директно да го обвини претставникот на ЕУ и да каже дека испратил писмо со жалба до функционерите, (германскиот канцелар Олаф) Шолц и (францускиот претседател Емануел) Макрон. Тоа се работи што ве оставаат без зборови и дополнително го оштетуваат она што наводно се обидуваат да го поправат, бидејќи теориите на заговор за соработка што ја откривте меѓу Србија и специјалниот пратеник на ЕУ, не е нешто што е препорачливо да се направи – рече Рама.

Тој потенцира дека не се сомнева во желбата на Курти да го направи најдоброто за Косово, но никогаш не се доволни големата желба и добрата волја, потребна е стратешка визија за да се постигне целта, која овде Рама не ја гледа.

На изјавата дека е малку парадоксално тоа што Албанија претседава со Советот за безбедност, но е немоќна да влијае на Приштина, Рама одговара дека не сака да влијае на Приштина, бидејќи таму има Влада која произлегува од волјата на народот и која има одговорност да го води Косово и да го избере патот до целта.

– Заклучокот е дека мислиме дека патот што го избраа не води до постигнување на таа цел, туку води до судир со САД и ЕУ. Ова е тажно, но верувам дека е привремено – рече Рама.

За него, извесно е дека тоа не го носи посакуваниот резултат за Косово, а тоа е завршување на процесот на нормализација, а потоа и излез од „ќорсокакот на признавањето“, пред се меѓу земјите од ЕУ.

– Тоа е и целта на француско-германскиот план и тоа требаше да биде најголемото можно достигнување, што ќе беше де факто признавање од Србија, без разлика дали Србија формално ќе го признае Косово или не. Косово би го добило своето место, би се ослободило од товарот на конфликтот во продолжувањето на евроинтегративниот процес. ЕУ инсистира на процесот на нормализација бидејќи сакаат да го интегрираат Косово во целата структура на меѓународната организација, и во самата Унија, што никогаш нема да се случи ако Косово не го реши овој проблем – потенцира Рама.

На прашањето дали мисли дека Србија има корист од оваа ситуација, албанскиот премиер вели дека е жално што пристапот на Приштина и помага на Србија, а не на самото Косово, бидејќи ја прави жртва Србија во очите на целата меѓународна заедница.

– Србија игра игра, бидејќи кратковидната политика на Приштина и дава можност за тоа – рече Рама.

На прашањето дали разговарал за независноста на Косово со украинскиот претседател Володомир Зеленски, тој одговори дека „патот до конечното признавање на Косово минува низ Приштина“.

– Несомнено, разговаравме за тоа со претседателот Зеленски и за тоа во секое време разговараме со секој лидер кој претставува земја што не го признала Косово, но од друга страна, ние сме многу јасни и убедени дека патот до конечното признавање на Косово не оди преку Украина или Гана, Нигерија, туку минува низ самата Приштина, која мора да се потруди до крај, да го искористи отворениот пат на голема можност создаден од француско-германскиот план, со поддршка на сојузниците. Приштина е таа што мора да разбере дека не го користи овај темел на пријателство, туку го поткопува со пристап што јас не го разбирам – рече Рама.

Тој оцени и дека залудни се напорите на „Србија и Русија“ повторно да се отвори прашањето за Косово во Обединетите нации.

Косово ја доби војната, вели тој, а Меѓународниот суд го потврди тоа.

– Тоа се залудни, пропагандни напори, но не водат никаде. Косово ја доби војната, Косово доби потврда и од самиот Меѓународен суд и тоа е неповратно. Поентата е дека Косово не е способно да издејствува мир, да го претвори мирот во добро што треба да биде меѓународно потврдено и развиено во сите правци, потенцира Рама во интервјуто за „Еј-би-си њуз“.