Босна и Херцеговина
Посетата на германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок на Сараево беше проследена со огромно внимание од страна на медиумите, но и на политичките аналитичари во регионот. За многумина фактот дека посетата на министерката Бербок на овој дел од Европа доаѓа во екот на украинскиот конфликт, не само што сведочи за фактот дека Европа конечно се разбуди и внимателно следи што се случува во нејзиниот двор туку е и сигурен знак дека ерата на поранешна Германија дефинитивно е завршена.
Колку за потсетување, аналитичарите укажуваат дека поранешната канцеларка Ангела Меркел, која ја поддржуваше стабилократијата на Западен Балкан, со години замижуваше на едно око за да одржи некаков мир, да ги зајакне автократските и корумпирани националистички режими и поединци.
Додека Меркел, на крајот од мандатот, отиде во Москва и, меѓу другото, лобираше со Владимир Путин, Русија да го признае новиот висок претставник во БиХ, Кристијан Шмит, Бербок демонстрираше во Сараево – иако во драстично променети геополитички околности – силна и непоколеблива поддршка и за Канцеларијата на високиот претставник (ОХР), и за Шмит и неговите овластувања од Бон, очигледно не грижејќи се премногу за тоа што мислат за тоа и каква реакција ќе има руската амбасада во БиХ или самата официјална Москва.
Студен туш
Исто така, Бербок го изрази својот став за претстојните општи избори во БиХ. Таа истакна дека демократските и фер избори се важни за секоја земја и дека изборниот интегритет мора да се зајакне.
– Изборите треба да се одржат во планираното време, во октомври – додаде шефицата на германската дипломатија, со експлицитно барање преку изборната реформа за која се разговара во БиХ, мора да се спроведат и почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Иако, веројатно, и самиот немаше големи очекувања од министерката на германската сојузна влада, која доаѓа од левичарската Партија на зелените, ваквиот студен туш и неразбирањето за неговите тесногради, максималистички барања и закани за опструкција и одложување на изборите, секако, непријатно го изненадија претседателот на ХДЗ БиХ, сојузникот на Додик, Драган Човиќ.
Генерално, прецизните пораки на германската министерка искажани во Сараево не оставија простор за погрешно толкување. Границите на БиХ се непроменливи, оваа земја ѝ припаѓа на Европа, западните сојузници и Европа нема да дозволат Западен Балкан да потпадне под руско влијание, рече Бербок.
Суптилен сигнал
Нема сомнеж дека нејзините зборови добро се слушнаа во Белград и во Приштина, каде што замина по Сараево, но и во Подгорица и во Скопје, односно во Бања Лука и во Мостар, централите на партиите на Додик и на Човиќ.
На крајот, бидејќи ништо не се случува случајно и непромислено во сериозната политика и дипломатија, не треба да се занемари суптилниот политички сигнал, кој со одлуката да ја започне својата балканска турнеја со посета на главниот град на БиХ, германската министерка за надворешни работи им го испрати на регионалните сонувачи на големодржавни соништа и сецесионистички проекти.