Косово ќе почне со двомесечен период на имплементација на контроверзната одлука со која ќе бара од Србите, главно оние што живеат на северот, да почнат со употреба на регистарски таблички издадени од приштинските власти, пишува „Ројтерс“. Косовскиот премиер Албин Курти денеска соопшти дека почнала замената на српските регистарски таблички со оние на Косово и дека овој процес ќе трае до 31 октомври, вкупно 61 ден, а ќе се спроведува во 34 општински центри за регистрација на возила.
Професорот по меѓународни односи на универзитетот „Џонс Хопкинс“ и поранешен аналитичар на ЦИА, Давид Канин, не верува дека ќе дојде до решение помеѓу Косово и Србија за прашањето за регистарските таблички.
– Има само еден проблем помеѓу Србија и Косово, а тоа е статусот на Косово – вели Канин, додавајќи дека проблемите со личните документи и регистарските таблички се „само дел од прашањето“.
Косово го гледа последниот договор за личните документи под посредство на ЕУ и на САД како чекор кон заемно признавање со Србија. Но српскиот претседател Александар Вучич истакна оти овоможувањето на користење косовски лични карти на граничните премини не смее да се толкува како признавање на косовската независност.
Минатиот месец избија етнички тензии во Косово, токму поради ваквата одлука, кога Србите во северно Косово поставија блокади во знак на протест. Косовските власти со години се обидуваат да ги принудат тамошните Срби да почнат со користење на косовски регистарски таблички, во обид за наметнување на авторитет. Локалните Срби, пак, не ги признаваат косовските институции и сакаат да ја оформат Заедницата на српски општини што би им овозможила поголема автономија.
НАТО има околу 3.700 трупи на Косово со цел за одржување на мирот и редот. Алијансата порача дека ќе интервенира ако стабилноста во областа биде загрозена.
– Ја следиме ситуацијата и не гледаме ниту индикација или подготовка за војна – кажа командирот на мировната мисија на НАТО на Косово, Ференц Каџари.