Фото: Игор Бансколиев

Според последните статистички податоци, просечната старост кај регистрираните патнички возила во Македонија лани се искачила на 19,5 години. За разлика од кај нас, просечната старост на патничките возила во земјите од Европската Унија е речиси двојно помала и изнесува 10,08 години

Економската криза се одрази и на возниот парк во државата

Во Македонија се возат сѐ постари возила. Зголемувањето на просечната старосна граница на возниот парк на граѓаните и на фирмите во 2021 година е забележано кај сите видови превозни средства за патен сообраќај: автомобили, автобуси и камиони. Највисока „старост“, според податоците на Државниот завод за статистика, е забележана кај регистрираните патнички возила, чија просечна старост лани се искачила на 19,5 години. Во делот на автомобилите, просечната старост е зголемена минимално, во споредба со пресметаните 19,4 години во 2020 година. Колку македонските возачи заостануваат во однос на стандардот, изразен и преку староста на возилата, може да послужи податокот дека староста на патничките возила во земјите од Европската Унија изнесува 10,08 години. Членките од источниот блок на Унијата, со 16 години старост на возилата се блиску до просекот на македонските возачи, но заостануваат зад возачите од земјите на Западна Европа.
Според податоците на асоцијацијата на производителите на автомобили, најнови возила користат жителите на Луксембург, со просечна старост на патничкиот возен парк од 6,4 години. По нив се жителите на Велика Британија, Австрија, Ирска и Данска, со просек од над осум години. Од поранешните југословенски републики, Словенците имаат најнов возен парк, со просек од 10,1 години, по нив се Хрватите со 12,6 години. Грчките граѓани, исто така, не можат да се пофалат со нови возила, а просечната старост на возилата во оваа земја изнесува 15,7 години.

Пред десетина години, тогашната власт ги олесни критериумите за увоз на половни автомобили, за да се подобри старосната структура на домашниот возен парк. Многу од возилата од југословенскиот производител на автомобили, главно од производствената програма на „Застава“ од Крагуевац, беа заменети со половни автомобили од западно производство. Во почетокот беше постигната основната цел за какво-такво подмладување на возилата на македонските возачи, но подоцна старосната граница на возилата повторно почна да расте. Поради повеќето кризи во изминатите години, мнозинството македонски граѓани се соочуваат со намален животен стандард, а со тоа им е оневозможено да купат понови возила.
Од друга страна, староста на возилата во една земја, покрај безбедносниот аспект, има и еколошко значење, од тоа колку можат да загадуваат постарите возила. Експертите од областа на безбедноста во сообраќајот, староста на возилата не ја сметаат за клучен фактор за случување на сообраќајните незгоди во земјата.
– Секое возило, без разлика на староста, се смета за безбедно возило доколку тоа ги поминало сите редовни контроли за техничка исправност. Може возилото да е од помладата генерација на производство но да не е безбедно и, обратно, некое постаро возило да е побезбедно од некое поново возило. Овде е важно дали возилото се одржува редовно и дали се отстрануваат сите недостатоци на возилото навремено. Со увозот на половни автомобили, кај нас влегоа и полуксузни и поскапи модели, чие одржување е поскапо. На пример, да се сервисира еден дел за „мерцедес“ е многу поскапо, да речеме, од поранешните „застава“ или „југо“, чии делови беа многу поевтини и секој од возачите можеше полесно да ги замени. Станува збор за тоа колку сопствениците на возила се подготвени веднаш да ги отстранат евентуалните дефекти на возилата, кои влијаат и на безбедноста во сообраќајот.

Доколку гледаме преку статистички податоци, најчести сообраќајни незгоди, со фатални последици за патниците, има од автомобилите со поголема моќност. Секако, најчеста причина за несреќи е преголемата брзина со која се движат возилата – ни изјавија од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот во Македонија.
Загрижувачка е староста на автобускиот возен парк во Македонија. Во 2020 година просечната старост на автобусите изнесувала 18,2 години, односно за само една година старосната возраст на овие возила е зголемена за 1,3 година. Состојбата на возниот парк во Македонија е подобра кај товарниот транспорт. Камионите со домашна регистарска табличка имале просечна возраст од 16,9 години, додека старосната граница на влечните возила изнесува 13,3 години.
Еколошката слика на возниот парк во Македонија е мошне неповолна. Од речиси 550.000 возила што се регистрирани во земјава, дури 387.373 се произведени пред 2007 година, односно се постари од 14 години и со тоа имаат пониски евростандарди на моторот во делот на испуштањето штетни гасови во атмосферата. Во земјата сообраќаат 350.000 автомобили, 1.801 автобус и 22.537 камиони произведени пред 2007 година. На 31 декември 2021 година, во земјава имало само 7.491 возило што биле произведени истата година, односно биле купени како нови. Притоа, како нови возила произведени во 2021 година имало 3.770 автомобили, 1.027 товарни возила и само 12 автобуси.
Низ целата земја возила произведени во изминатава деценија, кои имаат мотори што ги задоволуваат стандардите еуро 5 и еуро 6 за емисии на издувни гасови се само 95.824 возила, или 17 отсто од вкупниот број автомобили, автобуси, камиони, трактори, мотори и други моторни превозни средства што сообраќаат низ земјава.
Во анализата што беше презентирана во МАНУ, како една од причините за загадувањето на воздухот во македонските градови се посочува и сообраќајот, кој учествува со 20 отсто во емисијата на штетни материи. Експертите предупредуваат дека во претходниот период било стимулирано купување употребувани возила, преку увоз на возила со ниски стандарди (евростандард 1 и 2). Во 2016 година е дозволен увоз на возила со стандард на мотор еуро 4, кој во ЕУ е воведен пред повеќе од десетина години. М.Ј.