Фото: Маја Јаневска-Илиева

Новите првачиња денеска за првпат влегоа во училишната зграда на ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје. Во училишниот двор беше одржана свеченост во нивна чест. Постарите соученици ги поздравија најмалите ученици со музичка точка, како и Зоки Поки и Лидија, децата од драмската секција, кои ја изведоа пиесата од омилената лектира. Училишниот хор ја отпеа државната химна и химната на училиштето.

На првачињата топло добредојде им посака и директорот Андреј Стојанов. Сите заедно ја повторија заклетвата за првачињата. Некои пуштија и по некоја солза, но веднаш до нив беа и нивните наставнички да им пружат поддршка. Се засладија со бомбони, за сладок почеток и наставничките грижливо ги наредија во колона по двајца за да ги внесат во училниците. Родителите и постарите ученици ги испратија со аплауз, а не изостана и по некој бакнеж од мајките.