Се подготвува нов обид за лансирање на огромната ракета кон Месечината

НАСА официјално соопшти дека в сабота повторно ќе се обиде да ја лансира џиновската ракета од новата генерација кон Месечината, откако првиот обид во понеделникот не успеа поради технички проблем. Со дебитантското лансирање на огромната ракета во понеделникот требаше капсулата без екипаж да ја однесе на шестнеделен пробен лет околу Месечината и назад, 50 години по последната мисија на „Аполо“ на Месечината.
Договорот е дека ќе го промениме датумот на лансирање за сабота, 3 септември – рече на прес-конференција Мајк Сарафин, одговорен за мисијата „Артемида 1“, која го означува почетокот на американската програма за враќање на Месечината.
Прогласена за најмоќна и најсложена ракета во светот, џиновската двостепена ракета „Спејс ланч систем“ (SLS) претставува најголемиот нов систем за вертикално лансирање изграден од американската вселенска агенција, откако „Сатурн V“ полета на Месечината за време на програмата „Аполо“ во 1960-тите и 1970-тите години.
Капсулата „Орион“ има симулиран екипаж од тројца – една машка и две женски кукли – опремени со сензори за мерење на нивото на радијација и други стресови што би ги доживеале астронаутите.
Главната цел на мисијата е да се тестира издржливоста на топлинскиот штит на „Орион“ за време на повторното влегување во атмосферата на Земјата со 39.429 километри на час, или 32 пати поголема од брзината на звукот, при повторното влегување од орбитата на Месечината – многу побрзо од вообичаеното -влегување на капсули на астронаути што се враќаат од ниските Земјини орбити.
Програмата „Артемида“ на НАСА, именувана по божицата што му била сестра близначка на Аполон во античката грчка митологија, има цел да ги врати астронаутите на површината на Месечината уште во 2025 година и да воспостави долгорочна лунарна колонија како отскочна штица за уште поамбициозните идни патувања со човечки екипаж на Марс.