Почина последниот лидер на Советскиот Сојуз, Михаил Горбачов

Последниот претседател на Советскиот Сојуз, Михаил Горбачов, почина на 92-годишна возраст, по тешко и долго боледување. Горбачов беше политички лидер на Советскиот Сојуз од 1985 до 1991 година и генерален секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз, а меѓу историчарите се смета за една од најзначајните личности од втората половина на дваесеттиот век. Многу западни лидери изразија сочувство за смртта на Горбачов, кој помогна во надминувањето на разделениот биполарен свет пред три децении.
Роден е на 2 март 1931 година, во градот Приволноје, во близината на Ставропол, јужна Русија. Ѝ се приклучил на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз во 1952 година, на 21-годишна возраст, а неговата кариера забрзано напредувала и во 1970 година бил назначен за прв секретар за земјоделство, а следната година станал член на ЦК. Од 1972 година беше шеф на советската делегација во Белгија, а две години подоцна, во 1974 година, стана претставник во Врховниот совет и претседател на постојаната комисија за младински прашања. Во 1979 година, Горбачов беше унапреден во Политбирото. По смртта на Константин Черниенко, Михаил Горбачов беше избран за генерален секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз, на 11 март 1985 година. Тој стана првиот партиски лидер роден по Руската револуција во 1917 година.
Тој ја презеде врвната функција во Кремљ во 1985 година, во време на таканаречената Студена војна меѓу Западот и Источниот комунистички блок, и го почна процесот на отворање на СССР и на дипломатско приближување со Западот. Како лидер на Советскиот Сојуз (најголемата држава на светот, со 15 републики), Горбачов се обиде да ја реформира владејачката Комунистичка партија, но и државниот и општествен систем во лидерот на Варшавскиот пакт. Соработуваше со двајца американски претседатели, Роналд Реган и Џорџ Буш Постариот.
Најпознатите руски зборови што се пробија и во западниот говор беа општествените иновации на Горбачов: „гласност“ (предвидуваше отвореност на системот за информирање на граѓаните), „перестројка“ (реструктурирање и реформа на општеството и економијата) и „ускорение“ (забрзување на економскиот развој). Неговото владеење беше обележено и со првите ефективни договори за контрола на нуклеарното оружје. Во 1986-та се случи катастрофата во централата „Чернобил“, најголем нуклеарен инцидент во историјата. Во февруари 1988-та, Горбачов објави повлекување на советските сили од соседниот Авганистан, каде што Советскиот Сојуз изврши инвазија во 1979 година. На крајот на 80-тите години и почетокот на 90-тите години од минатиот век, ерата на Горбачов заврши, тој доби Нобелова награда за мир, а СССР и Источниот блок се распаднаа.