Фото: ЕПА

САД, Израел и Иран ќе треба да надминат уште предизвици до постигнувањето мир

  • Познавачите на состојбите сметаат дека ништо не е дефинитивно додека договорот не биде потпишан и почне да се спроведува, при што предвид треба да се земат политичките несогласувања поради разлики во ставовите, затегнатите односи во Персискиот Залив и прашањето за иранската нуклеарна програма

Мировниот договор за чии услови постигнаа согласност администрацијата на американскиот претседател Трамп и властите во Иран нуди можност за ставање крај на оружениот конфликт, но остануваат прашањата за одржливоста на спогодбата во пресрет на нејзиното најавено потпишување в петок.

Политички тензии

Познавачите на состојбите сметаат дека ништо не е дефинитивно додека договорот не биде потпишан и почне да се спроведува. Израелските власти се незадоволни, гледајќи го почетниот договор како форма на капитулација во ситуација кога сметаа дека имаат предност над Иран. А се смета дека ќе се обидат пред тамошната јавност да го претстават договорот како успех, како што истакна политикологот Џонатан Ринхолд од Универзитетот „Бар-Илан“ во Тел Авив. Тврдокорните политичари во Техеран исто така се незадоволни, верувајќи дека иранските лидери требало да издржат подолго во воениот конфликт.

Во неделата Израел го бомбардираше јужен Либан, потег што го вознемири Трамп и се чини дека го одложи договорот, барем за неколку часа. Во понеделникот исто така имаше израелски напад врз Либан, што покажува дека конфликтот останува активен и постои ризик борбите дополнително да се разгорат.

Одредени кругови во Републиканската партија на САД исто така го критикуваа договорот, опишувајќи го како тактичка катастрофа, при што некои од нив ја повикуваа администрацијата на Трамп да го објави формалниот текст на договорот додека сè уште беше во тајност. Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, ги отфрли критиките. Во интервју за телевизијата Еј-би-си во понеделникот тој кажа дека Иран ќе ги добие замрзнатите средства само ако Техеран достигне одредени критериуми поврзани со неговата нуклеарна програма.

Затегнати сојузнички односи

Војната и нејзиното решавање ги тестираат врските на Вашингтон со сојузниците. Државите-сојузнички на САД од Персискиот Залив беа цел на ирански напади со беспилотни летала и ракети поради сместувањето на американската безбедносна архитектура во регионот.

Иако е тешко да се извлечат цврсти заклучоци за долгорочните геополитички ефекти од конфликтот, САД потрошија значителен дипломатски и политички капитал во последните месеци и, во некои случаи, ги вознемирија долгогодишните сојузници.
Претседателот Трамп моментално е во Франција, каде што се среќава со светските лидери на самитот на Групата седум, каде што предложениот договор меѓу САД и Иран ќе биде високо на агендата.

Неизвесност околу договорот

Привремениот договор во суштина нуди решение за најтешките прашања во конфликтот. Но не е во целост јасно што ќе се случи со нуклеарната програма на Иран, а двете страни имаат различни верзии во врска со тоа што е договорено досега. Техеран и Вашингтон сега имаат 60 дена да постигнат посеопфатен договор, монументална задача со оглед на тоа што двете земји се во конфликт околу нуклеарната програма на Техеран со децении.

Трамп изјави дека може да продолжи со нападите ако не се постигне договор, што речиси сигурно би ги вознемирило американските гласачи, меѓу кои се јавува незадоволство поради војната, според анкетите на јавното мислење. Сепак, ако Трамп склучи суштински договор со Иран, тоа би можело да им донесе политичка победа на републиканците.
– Ако Трамп, преку други средства, успее да го одржи договорот, мислам дека тоа ќе биде многу позитивно за него и неговата администрација – заклучува Чарли Героу, републикански стратег со седиште во Пенсилванија.

Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, рече дека преговорите со САД ќе се водат во две фази, наведувајќи ги „тешкотиите во постигнувањето разбирање“ и она што го опиша како агресија на САД и Израел, според иранската новинска агенција Тасним.
– Првата фаза се однесува на завршувањето на војната, Ормускиот Теснец, ослободувањето на замрзнатите средства на Иран и реконструкцијата – рече Арагчи.
Преговорите за „нуклеарното прашање и укинувањето на санкциите“, според Арагчи, ќе продолжат 60 дена по потпишувањето в петок, со цел да се постигне конечен договор. Р.С.


Ќе биде потребно време за враќање на протокот на нафта преку Ормуз во полн обем

Се очекува цените на горивото да паднат, но извесно време ќе останат над нивоата од пред војната, велат аналитичарите. Ормускиот Теснец, низ кој течат околу 20 отсто од светската нафта, не е предвидено целосно да биде отворен до петок. Но, дури и тогаш, ќе бидат потребни недели или можеби месеци за протокот на нафта да се врати на вообичаените нивоа, со дополнително ограничено снабдување бидејќи земјите од Персискиот Залив го зголемуваат производството и ја поправаат оштетената инфраструктура.
– Враќање на целиот обем на сообраќај, како пред конфликтот, е реално за 2027 година – рече Дејвид Јорбеназе, лидер на глобалниот пазар на нафта во ИЦИС, давател на информации за пазарот. Р.С.