Вчераутро сплиќани се разбудија со едно огромно изненадување закотвено непосредно пред градското пристаниште. Огромно во вистинска смисла на зборот, бидејќи станува збор за носачот на авиони „Џералд Р. Форд“ (CVN 78), најновиот и најголем носач на авиони во американската морнарица. И не само тоа – ова е и најголемиот носач на авиони во светот, а всушност и најголемиот воен брод што некогаш бил пуштен во пловидба.
„Џералд Р. Форд“ е првиот носач на авиони во својата класа (наречена по него – класа „Форд“), а беше примен во оперативна служба во 2017 година. Неговиот развој траеше со години, а вкупните трошоци се искачија дури на 13 милијарди долари (без да се вклучат парите потрошени за развој на целата класа).
Самиот брод е со гигантски размери – долг е 337 метри, висок 76 метри, а неговото потиснување е поголемо од 100.000 тони.
Се напојува со два нуклеарни реактора А1Б, произведени од „Бехтел“, кои му овозможуваат да плови речиси 25 години пред да го замени своето нуклеарно гориво.
На бродот има повеќе од 4.500 морнари и друг персонал, вклучувајќи пилоти и луѓе што управуваат со сите авиони на бродот (вкупно до 75 авиони и хеликоптери).

Ангел Митревски од Сплит специјално за „Нова Македонија“