Премиерот на Косово, Албин Курти денеска изјави дека договорот постигнат во Брисел и „патната карта“ за негова имплементација договорена во Охрид се јавни документи и дека е потребна нивна „точна и брза имплементација“, јави српската агенција БЕТА.
– На 4 април во Брисел ќе се разговара за прашањето за имплементација на веќе договорениот договор. Договор има, договорот постои, јасно е јавен за сите и ни треба негово правилно и брзо спроведување. Затоа ќе биде организиран состанок со главните преговарачи, на кој ќе учествува косовскиот вицепремиер Бесник Бислими – истакна Курти по состанокот организиран од Советот на Европа во Приштина.
Тој наведе дека договорот мора да се имплементира во целост и оти не постои можност дел да се спроведе, а дел, не.
Не треба да го уриваме договорот земајќи ги деловите кои сакаме. Зборот „итно“ е употребен во реченицата што се однесува на исчезнатите односно насилно исчезнатите, посочи Курти.
Директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, денеска изјави дека во продолжението на дијалогот меѓу Белград и Приштина ќе се разговара за конкретни чекори за имплементација на договорот од Охрид.
Средбата на шефовите на преговарачките тимови на Белград и Приштина, Петар Петковиќ и Бесник Бислими е закажана за 4 април во Брисел.
Петковиќ за радио Белград изјави дека ќе има продолжување на дијалогот на техничко ниво и дека ќе се разговара за конкретни чекори за спроведување на договорот од Охрид, заедно со јасни „црвени линии“, пренесе Бета.
– Нашите црвени линии се дека Белград никогаш нема да се согласи таканареченото Косово да стане членка на ОН и дека Белград ниту де факто ниту де јуре нема да го признае таканареченото Косово. Можеме да разговараме и да видиме за се друго што беше договорено во Анексот, како ќе го спроведеме – рече Петковиќ.
Тој додаде дека во текстот на Анексот за имплементација на Договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Србија и Косово, меѓу првите работи што треба да се исполнат е обврската на Приштина да формира Заедница на српски општини и дека јасно дека треба да се спроведе во согласност со релевантните претходни договори од дијалогот.
Според него, суштинските надлежности на ЗСО, нејзините цели, органи и како функционира се јасно дефинирани, вклучително и точка 16, која предвидува дека Белград го финансира ЗСО.