Фото: Макфакс

Протестот е најавен за петок

Жителите на кратовското село Страцин, поддржани од жители на Куманово, Крива Паланка и Кратово, в петок од 11 часот ќе го блокираат патот кој води кон Бугарија. Трактори ќе паркираат на крстосницата Чатал и ќе пропуштаат само итни случаи за да изразат револт од пресечениот локален пат со изградбата на експресната сообраќајница Ранковце – Крива Паланка, објавува „Макфакс“.

Речиси четири недели преговараа со надлежните за решение, но незадоволни од она што им го понудиле решија правдата да ја бараат со блокада.

– В петок не тргнувајте кон Бугарија. Во 11 часот ќе ја поставиме блокадата и нема да дозволиме сообраќај, со исклучок на итните случаи. Откако пред три неели најавивмедека размислуваме за блокада, постојано преговараме, но само утврдивме дека пресечениот пат е резултат на пропуст на проектанот, потоа и ревизијата направила пропуст со тоа што го одобриле проектот, а и државниот правобранител кој дозволил да се пресече нашиот пат, сопственост на државата, на две места, а да не се обезбеди пристап за нас. Ние не можеме со трактори и други машини да излегуваме на експресна сообраќајница за да поминеме од едната на другата страна – велат од месната заедница Страцин за „Макфакс“.

Блокадата е пријавена во МВР, а полиција ќе го обезбедува и карванот возила кои како поддршка ќе тргнат од Куманово кон Страцин оти и тие го користат истиот локален пат за да стигнат со машините до Крива Паланка.

Од Јавното претпријатие за државни патишта за „Макфакс“ велат дека на жителите им го понудиле единственото решение за пресечениот локален пат.

– Во врска со доставените прашања сакаме да ве известиме дека ЈПДП е известена од Надзорот над работите ДИВИ Македонија дека во повеќе наврати се остварени средби и со жителите и со општина Кратово на кои е направен обид за изнаоѓање на функционално решение. И во текот на минатата недела, исто така е остварена средба/состанок со претставник од општина Кратово, по однос на доставениот предлог, за кој во најкус рок очекуваат повратен одговор од општината, дали се согласуваат со предлогот бидејќи единствено решение е поврзување на локалниот пат за маалата Лепенци и Брзенци со сегашниот локален пат – велат од Јавното претпријатие за државни патишта за „Макфакс“.

Жителите сметаат дека она што го понудило јавното претпријатие не е решение оти го решава сообраќајот само за некои маала и дава алтернатива која локално ќе ги поврзе Куманово и Крива Паланка.