Фото: Архива / Илустрација

Заменикот советник на командантот на мисијата на НАТО во Косово – КФОР, Александер Алмо изјави дека КФОР е загрижен поради тоа што мошне мал број Срби решиле да ги сменат српските со косовски регистaрски таблички, додека рокот за да се направи тоа е до 31 октомври, јави дописникот на МИА од Приштина.

Аламо на Роз-Рот семинарот на Парламентарното собрание на НАТО, кој од денеска до 10 октомври се одржува во косовската престолнина, рече дека мисијата ќе стори сé што е во нејзина моќ да ги реши можните проблеми во тој поглед.

– Минатата година ги имавме првите индиции дека ова ќе бидат конфликтуозни прашања откако беа поставени барикади. Потребни беа големи меѓународни заложби за да се смири ситуацијата. До крајот на овој месец, кога истекува временскиот рок за регистрација на возилата со таблички РКС (Република Косово, наместо како досега со КМ – Косово и Мертохија) многу малкумина од нив решиле да ги сменат табличките, што е загрижувачко за нас – изјави Алмо.

Тој нагласи дека КФОР ќе остане во Косово колку што ќе биде потребно и дека неговата улога и натаму е потребна и неопходна.

Од 1 септември започна процесот на пререгистрација на возилата во северно Косово со косовски таблички, но досега многу малку припадници на српското малцинство го направиле тоа.