Фото: Принтскрин

Над 200 специјалци на косовската полиција вечерва влегле од Јужна во Северна Митровица и со придружба на оклопни возила се распоредиле низ градот, со образложение дека се таму за да ја осигураат безбедноста, објави косовскиот портал Косово онлајн.

Дел од српското население во градот излегло на улиците, но дека нема инциденти, иако ситуацијата е тензична, објави српскиот национален сервис РТС.

Ова следува по најавата на косовската полиција од пред неколку дена, дека ќе го засили своето присуство на северот на Косово. Според Коссев, од косовската полиција навеле дека главните цели ѝ се одржување на јавниот ред и безбедноста, заштита на животите и имотот на сите граѓани без разлика на националноста. Во соопштението од полицијата се наведува дека имаат капацитет за управување и контрола на безбедносната ситуација и одржување на редот на цело Косово, како и за преземање дејства за спроведување на законите.

И министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла, вечерва на својот фејсбук-профил потврди дека во северот на земјата е зголемено полициското присуство и дека косовската полиција има должност да обезбеди безбедност и гаранција за владеење на правото.

– Во последните денови, по последователните вооружени напади врз полицајци и граѓани на северот од земјата, се смета за неопходно зголемено полициско присуство со цел обезбедување на сите граѓани. Ги замолуваме сите граѓани да бидат смирени и да соработуваат со косовската полиција која е ангажирана за ред и безбедност за сите граѓани – напиша косовскиот министер на Фејсбук.

„Приоритет на полицијата на Косово е осигурување безбедност за сите граѓани, па, проценувајќи ја ситуацијата и актуелните настани во северните општини, полицијата во следните денови ќе го зголеми присуството на северот“, стои во соопштението што го пренесуваат косовските медиуми.

Вчера во Северна Митровица, општина со мнозинско српско население на северот на Косово, биле фрлени две експлозивни направи. Во овој инцидент нема повредени лица, а како што информирал директорот на полицијата за овој регион, Бесим Хоти, станува збор за шок бомби.