Истекувањето на амонијак од ладилник во Гуча е целосно запрено, а шест лица кои биле изложени на гасот се прегледани во болница и пуштени на домашно лекување, јави РТС.
Од Општата болница во Чачак соопштија дека сите шестмина пациенти се во добра општа состојба и по извршените лекарски прегледи биле отпуштени.
До истекувањето дошло поради дефект на сигурносен вентил, предизвикан од висок притисок во системот за ладење.
Во текот на ноќта, Министерството за внатрешни работи на Србија испрати СМС-предупредување до жителите на Гуча, советувајќи ги да ги затворат прозорците и вратите, да стават влажни крпи преку носот и устата и да избегнуваат изложеност додека трае интервенцијата.
Според српското МВР, седум лица биле евакуирани, а четворица биле пренесени во болницата во Чачак како мерка на претпазливост.
Пожарникарите ја завршиле интервенцијата во 6.55 часот, а истекувањето на амонијак било целосно запрено нешто по 8 часот утрово.
МВР на Србија соопшти и дека при испраќањето на предупредувањето дошло до техничка грешка. Наместо преку Системот за известување за вонредни ситуации, дел од корисниците на мрежата на Телеком Србија ја добиле пораката преку системот „Пронајди ме“. Корисниците на Јетел и А1 предупредувањето го добиле преку предвидениот систем.
Надлежните најавија дека во соработка со мобилните оператори ќе преземат мерки за да се спречи повторување на вакви технички пропусти и да се обезбеди навремено информирање на граѓаните во идни вонредни ситуации.



































