Ситуацијата во Велика Хоча беше напната поради доаѓањето на специјалната полиција пред винаријата на семејството Петровиќ

Во Косово и понатаму е напнато

Тензиите во Косово никако да спласнат. Секој ден се случува некој инцидент што само ја подгрева и онака вжештената атмосфера, а паралелно со тоа дипломатите бараат решение за излез од ваквата состојба.
Вчера беше особено напнато во местото Велика Хоча, каде што припадниците на специјалните единици на косовска полиција пристигнаа со цистерна за запленување на 42.000 литри вино од семејството Петровиќ. Откако пристигнала полицијата, сопственикот на винарницата се врзал за бандера во знак на протест, синот на сопственикот се качил на покривот на објектот со закана дека ќе се фрли ако им го одземат виното, а неговата сопруга легнала пред тркалата на цистерната. По ваквите нивни постапки, преточувањето на виното е стопирано до новата одлука на обвинителот, објави државната телевизија РТС.
Поводот за доаѓањето на специјалната полиција, според соопштението на косовските официјални органи, било тоа што при рутинска контрола во продавница во Велика Хоча било откриено дека алкохолните пијалаци се продавале неовластено и затоа била донесена одлука за заплена на 42.000 литри алкохол.
По доаѓањето на полицијата пред винарницата се собрале голем број од жителите на местото, во знак на поддршка на семејството Петровиќ, но и за да го изразат протестот поради ваквото вознемирување од страна на полицијата, за која барале да се повлече.
Претходно косовскиот премиер Аљбин Курти донесе одлука да се засили присуството на косовската полиција на северот, во српските општини. Во вторникот се случија најмалку два инцидента во Зубин Поток и Косовска Митровица при обидот на општинските изборни комисии во придружба на косовската полиција да влезат во просториите на општините на северот.
Локалните Срби ги спречија во обидот. Инцидентот во Зубин Поток заврши мирно со интервенција на полицијата, иако, според официјални избори, биле фрлени две експлозивни направи, од кои едната експлодирана, а втората била отстранета.
– Злосторничките банди ги засилија нападите на северот на Косово. Знаат дека се ближи крајот. Владата на Косово нема да се ценка со нив ниту да ги толерира. Бомбите што ги фрлаат, куршумите што ги пукаат и маските што ги носат ја покажуваат нивната политичка и народна немоќ. Поради овие злосторства и оружени напади северно од Ибар, таму ќе имаме повеќе косовска полиција. Затоа што ќе има истраги и процесирање на овие злосторници што ги плаќа Србија, а со кои диригира нивниот претседател. Многубројните кршења на законот нема да бидат простени, а тенденциите за криминална дестабилизација ќе пропаднат – порача Курти.
Приштина и Белград меѓусебно се обвинуваат за инцидентите од вторникот. Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија на српската влада, Петар Петковиќ, кажа дека специјалците на Курти упаднале во просториите на општините и „сè искршиле и растуриле во обид да ги инсталираат своите гласачки комисии“.

Дипломатијата под полна пареа

Портпаролот за надворешна политика на Европската Унија, Петер Стано, вчера изјави дека високиот претставник Жосеп Борел ги поканил српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Косово Аљбин Курти на средба во Брисел и дека датумот наскоро ќе биде објавен.
– Неколкупати кажавме дека ќе има средба меѓу претседателот Вучиќ и премиерот Курти. Високиот претставник Жосеп Борел веќе ги покани да дојдат во Брисел. Точниот датум на средбата ќе биде објавен во скоро време – рече Стано.
Речиси истовремено, во Белград претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се сретна со американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, со кого имале „отворен и конкретен разговор за безбедносната состојба во Косово и Метохија“, како и за можностите и предлозите на ЕУ за продолжување на дијалогот за нормализација на односите со Приштина.
– Ја укажав важноста на ангажманот на САД во спречувањето понатамошни ескалации предизвикани од речиси секојдневните еднострани и незаконски потези на привремените институции во Приштина и ја повторив неопходноста од формирање на Заедницата на српски општини – напиша Вучиќ на инстаграм-профилот.
Србија останува посветена на одржување на мирот и стабилноста, но исто така е и јасна во одбраната на својот народ и националните интереси, пишува во соопштението на српскиот претседател.
За состојбата на Косово, со акцент на неодамнешните случувања, се огласи и американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер. Тој изјави дека САД се загрижени што во моментов нема услови за одржување избори во текот на овој месец на северот на Косово и додаде дека безбедноста на сите граѓани на Косово „мора да биде највисок приоритет“.
„Враќањето на насилството и заплашувањето, вклучувајќи ја и употребата на експлозивни направи и загрозувањето животи никогаш не е соодветен метод на протест, под никакви околности“, напиша амбасадорот на Твитер.
Оцената на Ховениер дојде еден ден откако групи граѓани на северот го спречија отворањето на канцелариите на Централната изборна комисија, што предизвика инциденти со огнено оружје и гранати. Ховениер рече дека САД ги осудуваат овие дела и ги повика сите вклучени на воздржаност.
Ваквата негова реакција се однесува на 18 декември, за кога се распишани вонредни избори за градоначалници во четири општини на северот на Косово, каде што живее мнозинско српско население – Северна Митровица, Зубин Поток, Лепосавиќ и Звечан. Тие општини се без градоначалник од српска националност од 5 ноември, откако поднесоа оставка во знак на противење на одлуката на Владата на Косово да иницира процес за пререгистрација на автомобили со регистарски таблички, кои се нелегални за Косово и издадени од Србија. Како услов за враќање во институциите го наведоа формирањето на Заедницата на српските општини, што беше договорено во 2013 година со Бриселскиот договор, а Уставниот суд во Косово го прогласи за неуставен.
Министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ, изјави дека „атмосферата е напната и дека е доволно едно чкорче да се запали за да се отиде во непосакувана насока“, јави дописникот на МИА од Белград. Вучевиќ за телевизијата Прва изјави дека „Приштина во текот на мандатот на Курти прави низа еднострани потези што имаат цел да не се почитуваат сите договори што на некој начин биле постигнати“.

САД ќе се зафатат за да го решат проблемот?

Доколку последната криза во Косово во врска со регистарските таблички ги загрози мирот и стабилноста, САД ќе се зафатат за да го решат проблемот, изјави Мери Кејт Шнајдер, директорка на Одделот за глобални студии на универзитетот „Лојола“ во Мериленд и експертка за Западен Балкан, зборувајќи за Еуроњуз Србија.
Таа посочи дека американската поддршка за Приштина не е неограничена. Според нејзината оцена, прифаќањето на косовската влада да го одложи казнувањето на граѓаните со таблички издадени од Србија само по барање на американскиот амбасадор покажува дека САД сѐ уште се силен играч на Западен Балкан и дека земјите од Западен Балкан реагираат на загриженоста на Соединетите Американски Држави.
– Ако САД изразат загриженост за нешто, земјите од Западен Балкан го слушаат тоа. Второ, тоа ни покажува дека САД реагираат на Западен Балкан и остануваат длабоко посветени на стабилноста на Косово и поширокиот регион, па ако има закана за таа стабилност, САД ќе дејствуваат – рече Шнајдер.
Таа посочи и дека не може да се каже дека американската поддршка за Приштина е неограничена и дека САД имаат одредени резерви во односот кон Приштина.
– САД сакаат да видат демократска и мултиетничка држава во Косово. И тие сакаат таа држава да придонесе за стабилноста во регионот. Ако Приштина е посветена на таа цел, САД можат да работат со Приштина. Затоа, јас не верувам дека американската поддршка е неограничена – објаснува соговорникот на Еуроњуз Србија.
Од друга страна, таа смета дека односите меѓу Србија и Соединетите Американски Држави се комплицирани.
– Многу од тоа е поврзано со историјата. Годините на Слободан Милошевиќ навистина ги одбележаа односите на САД со Србија на начин што сè уште ги дефинира. Во моментов тоа е на ниво на претпазлива соработка и мислам дека ќе биде потребно уште малку време и градење доверба за да се продлабочи тој однос меѓу САД и Србија – заклучи Шнајдер.

Подготвил: Mарјан Велевски