Европската комисија (ЕК) и Европскиот парламент (ЕП) дадоа одобрение за прием на Романија, Бугарија и на Хрватска во Шенгенскиот договор. По објавувањето на извештаите на ЕК во врска со капацитетите на споменатите земји-кандидати за шенген, дека можат да ги контролираат надворешните граници на ЕУ, еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон изјави дека „трите земји-членки на ЕУ, кандидатки за приклучување во шенген-зоната (отворената зона за патување), се подготвени!“ Сепак, Шведска, Австрија и Холандија го изразија своето несогласување и ја спуштија шенген-рампата! Тромавоста и вкочанетоста на Унијата повторно дојдоа до израз. Ќе се ослободи ли некогаш ЕУ од ваквите атрибути?

Внатрешното политичко (не)согласување на земјите-членки на ЕУ е клучно за (не)функционирањето на Унијата како целина

И уште еднаш, со уште еден конкретен пример (односно со примерот на блокирањето на три ЕУ-земји за влез во шенген-зоната), се покажа дека внатрешното политичко (не)согласување за некои прашања на земјите-членки на ЕУ стана клучно за (не)функционирањето на ЕУ како целина, онака како што е замислена, со консензуално одлучување и на тој начин демонстрирање европско (синхронизирано) единство?!
Унијата требаше, или беше замислена, да функционира како еден организам, на утврдени темели и принципи. Имено, за демократијата, владеењето на правото, и целите од висок заеднички универзален интерес и вредности, никогаш да нема дилема и дека секогаш ќе постои општа согласност. Очигледно, многу работи излегоа од колосек.
Еве, и на последниот случај, за предизвикот за проширување за шенген, (како и за низа други,) донесувањето одлука е закочено од процедурата?! Дали и тоа прашање не е зрело за да се може да се постигне консензус или нешто друго е во прашање? И не е првпат аналитичарите да си го поставуваат ваквото прашање, бидејќи процедурата веќе ја надвладува и задушува содржината, чинејќи ја ЕУ вкочанета, тромава и неефикасна.
А гледајќи отстрана, земјите што не се членки на ЕУ добиваат впечаток и аргументи за евроскептицизам, образложувајќи го тоа дека „ако внатре во Унијата не постои единство за мноштво суштински прашања и ако постои вакво меѓусебно блокирање на земјите-членки на ЕУ, тогаш што останува за земјите надвор од ЕУ, во смисла на тоа дека тие ќе бидат блокирани во секој момент и за прашања за кои не треба да има воопшто дилема“…

Шенген-предизвикот причина за нови поделби во Унијата

Што се однесува на шенген-прашањето и потресите внатре во Унијата по истото тоа, кај членките на ЕУ постојат аргументи и на едната и на другата страна, дека со примањето на Романија, Бугарија и на Хрватска во Шенгенскиот договор Унијата ќе ослаби, односно противаргументи – дека таа ќе зајакне.
Аргументите дека ќе зајакне ЕУ ако позитивно се реши предизвикот за шенген-проширувањето со Романија, Бугарија и со Хрватска се повеќе. Имено, со пристапувањето во шенген-зоната, истото тоа ќе ги поттикне продуктивноста и растот во Романија, Бугарија и во Хрватска – што значи дека економијата низ ЕУ ќе има бенефиции. Сите три споменати земји брзо би ја модернизирале својата инфраструктура. Нивните деловните оперативни трошоци сепак остануваат релативно ниски, а нивната работна сила е помлада и пофлексибилна од западноевропските земји. Понатаму, аргумент „за“ приклучување на трите земји-кандидатки во шенген-зоната е фактот што глобалните трговски брендови што се иселуваат од Русија веќе почнаа да отвораат продавници во Романија и во другите земји-кандидати. Пристапувањето во шенген-зоната на трите земји ќе ја направи целата ЕУ попривлечна за овие компании (синџири), што ќе донесе повеќе работни места и можности на единствениот пазар во време на длабока економска криза. За самата Романија, аргумент плус е што таа веќе неколку години е усогласена со правото на шенген, бидејќи ја има имплементирано целата најнова технологија во врска со безбедноста на граничната контрола. Аргумент за Романија, што, според геостратегиските анализи не треба да се занемари, е и што Романија како „земја на линијата на фронтот на НАТО“ е и геостратегиски позиционирана во близината на Украина и на Русија и дека истата таа „се покажа како непроценлив партнер и за ЕУ и за НАТО во борбата против Русија и пренесувањето на помошта за Украина“. Но последниве аргументи се повеќе од политички отколку од принципиелен карактер, односно тежината не им ја дава шенген-суштината на поврзувањето.

На ЕУ ѝ треба повторно обединување, а не раслојување

Се разбира дека сето ова горенаведено се чини дека не е доволно како убедувачки аргумент во некои клучни европски метрополи: Виена, Стокхолм, Амстердам! Тие сѐ уште се против влезот во шенген за Романија и Бугарија.
На пример, холандскиот парламент гласаше за отфрлање на позитивното решавање на прашањето за влез на Романија, Бугарија и на Хрватска во Шенгенскиот договор.
Шведска беше втората земја чии членови на парламентот експлицитно гласаа против пристапувањето во шенген за Романија, Бугарија и за Хрватска. И Австрија им се придружи во ставот против проширувањето на шенген-зоната.
Меѓутоа, сѐ поочигледно е дека има отсуство на единство внатре во ЕУ, не само за внатрешнополитички прашања, како што е шенген-предизвикот за проширување. Неединство постои и во политичките прашања во поширок контекст, економски прашања, безбедносни прашања, финансиски, енергетски, па дури и прашања што се однесуваат на перспективите за насоките на движење на ЕУ и нејзино внатрешно и надворешно концептуално реструктурирање.
Несогласности, предизвикани и врз основа на непринципиелности, политики на двоен колосек или лицемерство, постојат и при односот на членките на ЕУ и кон земјите-кандидатки за членство во ЕУ, а посебно кон Македонија. Бенчмарковите и критериумите се трансформираа во ултиматуми и уцени од идентитетски карактер, што е несвојствено за демократијата и меѓународното право до кое сака да се држи ЕУ, а флагрантно го крши.
Во тој контекст, не може да не им се укаже на ЕУ и на Брисел дека токму она што самите однатре го генерираат како став, декларација, одлука и потези, криејќи се зад строго почитување процедури и прописи, не може а да не предизвика разгорување на евроскептицизмот, и тоа во најлошиот можен геополитички момент за неа.