Фото: Принтскрин/Јутуб

Црногорската полиција денеска соопшти дека зад заканувачки мејлови за поставени бомби во училиштата стои дете од Подгорица, поради што минатата недела три дена по ред немаше настава во училиштата во неколку градови во Црна Гора.

Полицијата кон средината и крајот на минатата недела ги лоцирала уредот и лицето за кое се сомничи дека испраќал заканувачки мејлови на имејл адресите на 19 училишта во Подгорица, Даниловград и Бар, а по претресот во станот утврдиле дека се работи за дете, се вели во соопштението.

Кај детето од Подгорица пронајдени се „докази дека од својот мобилен телефон креирал и ги испраќал спорните мејлови“, соопшти полицијата.

Полицијата наведува дека чинот на малолетникот предизвикал паника, а полицијата поднела прекршочни пријави против родителите за запоставување на детето.

– Поради паниката и нередот предизвикан од лицето кое испраќало мејлови со заканувачка содржина до воспитно-образовните институции, службеници на Полициската управа против двајцата родители на ова дете ќе поднесат пријави за запоставување на детето – прекршок од член 37 од Законот за заштита од семејно насилство – велат од полицијата.

Во периодот од 20 до 22 декември настава не се одржа во 19 основни училишта во Подгорица, Даниловград и Бар, поради заканувачки мејлови за поставени бомби.

Училиштата се евакуирани, а од претресот е откриено дека се работи за лажни пријави.

Од полицијата додаваат дека „сите свои капацитети ќе ги насочат првенствено на безбедноста на децата“ и апелираат до родителите „да посветат посебно внимание“ и да ги следат нивните активности на социјалните мрежи и употребата на дигиталната технологија, што „многу често може да се штетни како за поединци, така и за општеството во целина“.