Босна и Херцеговина
На целата територија на Босна и Херцеговина вчера беше прогласен ден на жалост поради катастрофалните поплави и одрони што зафатија делови од земјата. Спасувачите и натаму се на терен, при што бројот на жртвите во земјата сѐ уште расте, пренесуваат локални медиуми.
Состојбата со поплавите и одроните во погодените подрачја сè уште е исклучително тешка, а продолжија операциите за пребарување и чистење на насобраниот насип и материјал. Водата и одроните уништија голем број објекти и оштетија инфраструктура.
Градоначалникот на Јабланица, Дамир Шабановиќ, деновите од неделата до вторникот ги прогласи за денови на жалост по повод трагичната смрт на неколкумина граѓани во несреќата што го зафати подрачјето на Јабланица.
Регионална солидарност
Во БиХ се испратени спасувачки екипи од Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора и од Македонија, за отстранување на последиците од поплавите и лизгањето на земјиштето.
Брзата реакција и испраќањето помош за БиХ укажува на зголемената важност на регионалната солидарност во природните катастрофи, кои сѐ повеќе го погодуваат Балканот.
Имено, Хрватската планинска спасувачка служба уште на 5 октомври испрати 11 спасувачи од Шибеник, Оребиќ и од Дубровник со четири теренски возила, два пловни објекта и кучето трагач по име Зара.
Натаму, Цивилната заштита на МУП на Хрватска, преку механизмот за цивилна заштита на ЕУ испрати екипа за пребарување и спасување МУСАР со 37 лица, 17 возила и три кучиња трагачи, на 6 октомври во утринските часови пристигна во Јабланица. Тимот го сочинуваат персонал од државната интервентна единица за цивилна заштита, Црвениот крст и Центарот за земјотресно инженерство.
Потоа, на 6 октомври пристигна помош и од Србија. Имено, Секторот за вонредни ситуации на МВР испрати 12 возила со 36 члена на Специјалистичкиот тим за спасување, придружуван од колона тешка механизација, која ќе работи во координација со спасувачите од БиХ.
Екипите од Белград, Нови Сад и од Крагуевац дојдоа на т.н. зборно место во градот во БиХ, Мали Зворник, а со екипите на Ужице и Ваљево продолжија кон Братунац каде што ги пречекаа претставници на РУЦЗ, а потоа продолжија кон загрозените подрачја на Јабланица.
Исто така, Словенија испрати конвој со 46 припадници на службите за спасување и цивилна заштита заедно со 16 возила и шест кучиња трагачи. Генералниот директор на Управата за заштита и спасување, Леон Бехин, рече дека по седум дена, доколку е потребно, постојниот тим ќе биде ротиран со нов.
Мисијата ЕУФОР во Босна и Херцеговина ангажираше лесен повеќенаменски хеликоптер „H145M“ на унгарските вооружени сили, кој евакуираше повредено дете од Јабланица во кантоналната болница во Мостар.
Црна Гора испрати тим за пребарување и спасување „Лајт УСАР“, кој го сочинуваат пожарникари, спасувачи од повеќе општини и членови на Дирекцијата за заштита и спасување.
Македонија исто така подготви специјализиран тим за спасување што ѝ се стави на располагање на БиХ. Р.С.