Фото: ЕПА

ПО ПЕТ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ ЗА ДВЕ ГОДИНИ, БУГАРИЈА КОНЕЧНО ДОБИ ВЛАДА

Подготвил: Mарјан Велевски

На вонредна седница на Националното собрание на Бугарија беше избрана влада на чело со премиерот Николај Денков. За новата влада гласаа 132 пратеници, а 69 беа против, немаше воздржани. Новиот кабинет го поддржаа сите пратеници од ГЕРБ-СДС, од „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) и двајца пратеници од ДПС – Мустафа Карадаи и Дељан Пеевски.

На тој начин, по пет избори за две години, Бугарија има друга влада, но се чини дека оваа има доволно широка поддршка за барем да ја поттикне надежта дека земјата би можела да стави крај на една од најдолгите политички кризи од крајот на комунизмот, беше првиот коментар на Радио Слободна Европа, веднаш по изборот.

Првите процени за курсот на новата влада доаѓаа од фактот дека поддршка ѝ дадоа коалицијата формирана од две прозападни, прореформски партии, Продолжуваме со промената (ПП) и Демократската Бугарија (ДБ), а клучната поддршка дојде од централно-десничарската партија ГЕРБ, победникот на претходните предвремени избори од 2 април.

Медиумите ја наведуваат информацијата дека седницата за избор на новата влада се одвиваше во услови на протести пред парламентот на главно екстремно десничарски, проруски партии и нивните поддржувачи, свикани од партијата Вазраждане (Преродба), која е против изборот на владата на ПП-ДБ и ГЕРБ.

Треба да се додаде дека и договорот за владината коалиција дојде по долги преговори што траеја повеќе од два месеца, за конечно пред неколку дена коалицијата да објави дека постигнала договор со ГЕРБ за составот на владата. Според договорот, премиер ќе биде Николај Денков, а по девет месеци функцијата ќе ја преземе Марија Габриел од ГЕРБ, која дотогаш ќе биде вицепремиерка и министерка за надворешни работи.
Но се чини дека ниту оваа влада нема голема перспектива, ако се суди според првите испитувања на јавното мислење. Мнозинството Бугари очекуваат владата на Николај Денков и Марија Габриел да биде соборена за помалку од една година. Ова го покажуваат резултатите од експресната анкета на „Алфа рисрч“, спроведена за програмата „Референдум“ на БНТ.

Вкупно 33 отсто од испитаниците сметаат дека Владата ќе трае околу шест месеци или до локалните избори. Други 29 отсто очекуваат Владата да работи една година. Само 24 отсто предвидуваат подолг животен век од повеќе од една година, а 16 отсто од испитаниците очекуваат 18-месечно управување. Уште 14 отсто не можат да проценат колку ќе трае редовната влада.

Повеќе од половина од испитаниците – 53 отсто, очекуваат работата на канцеларијата Денков – Габриел да биде проследена со конфликти. Вкупно 31 отсто претпоставуваат дека Владата ќе се справи со своите обврски со разбирање, а 16 отсто не можат да се движат низ ситуацијата.