Фото: Принтскрин

Бугарското МНР ја повика на разговор турската амбасадорка поради убиството

Бугарскиот министер Николај Милков најави дека денеска ќе биде повикана на разговор амбасадорката на Турција во Софија Ајлин Секизкок, јави дописникот на МИА од Софија.

Таа ќе разговара со заменикот министер за надворешни работи Костадин Којабашев откако синоќа беше убиен бугарски граничен полицаец на границата со Турција при редовна патрола. Милков соопшти дека ќе се бара соработка од турската страна за случајот и ќе се пренесе загриженоста на Бугарија за тоа што се случи. Бугарскиот министер додаде дека доколку има потреба, Софија ќе и понуди на Анкара заеднички активности во случајот.

По министерот за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев, на местото на несреќата на бугарско-турската граница пристигна и министерот за одбрана Димитар Стојанов. Демерџиев, прецизираше дека застреланиот граничен полицаец вперил батериска ламба кон пукнатина во оградата за да погледне, а потоа, со истрел од турска територија, бил погоден во главата.

Воениот дел од патролата не се повлекол, рече Демерџиев, додавајќи дека се засолниле зад џипот и возвратиле на огнот. Според нив, кон бугарската патрола биле испукани 10-15 истрели.

Главното обвинителство на Бугарија побара правна помош за увид и спроведување на распит на подрачјето на инцидентот.

Бугарската социјалистичка партија побара министерот за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев, да биде повикан во Народното собрание и да даде одговори за инцидентот и како дошло до него.