Гуменото полнење е искористено во околу 32.000 вештачки спортско-рекреативни терени низ Европа за да личат на природна трева. Околу 80 отсто од вештачките спортски терени користат ваква гума како материјал, што е поисплатлива опција од алтернативите материјали како што се плутата или конопот. Но исплатливоста не значи дека тој е и поздрав начин на употреба. Сега излегува дека рециклирањето во случаите со гумата било загрозувачко за здравјето на луѓето. Имено, новооткриеното загадување со микропластика е катастрофално и сега справувањето се смета за приоритет

Секој вештачки спортско-рекреативен терен со гумено полнење испушта околу 500 килограми микропластика во околината секоја година

Организацијата што на ниво на Европа се грижи за рециклирањето, како важен сегмент од екологијата, предупредува дека повеќе од 50 милиони отпадни гуми би можеле трајно да се складираат во Европа или да се извезат надвор од Европската Унија (ЕУ), со тоа што би завршиле на депонии, според новите правила за кои моментално се дискутира во Брисел. Европската конфедерација на индустрии за рециклирање (ЕУРИЦ) ја обвини Европската комисија дека оди против сопствената агенда за циркуларна економија со нацрт-законот, кој суштински ќе забрани додавање гумени гранули направени од рециклирани гуми за спортските терени со вештачка трева.
Според плановите, кои се очекува да бидат ставени на маса следната година и кои сè уште се предмет на промена, ЕУ ќе го прекласифицира гуменото полнење како намерно додадена микропластика, што во суштина ќе ја забрани нивната употреба на вештачки спортски терени. Гуменото полнење е искористено во околу 32.000 вештачки терени низ Европа за да личат на природна трева. Околу 80 отсто од терените за вештачки спортови користат ваква гума како материјал, што е поисплатлива опција од алтернативите материјали како што се плутата или конопот. Сепак, ваквите терени наскоро би можеле да бидат забранети поради ажурирањето на законодавството, кое има цел да ги замени токсичните хемикалии со побезбедни. Забраната опфаќа додадена микропластика, вклучувајќи и за козметика, производи за чистење и ѓубрива.
Но иако справувањето со загадувањето со микропластика со право се смета за приоритет, исклучувањето на опцијата за рециклирање гуми на крајот на работниот век без развој на алтернативи за отстранување би довело до поголемо загадување на животната средина, тврди Алехандро Навазас, научен службеник во ЕУРИЦ.

Загадување со микропластика

Според Европската агенција за хемикалии (ЕЦХА), секој вештачки терен со гумено полнење испушта околу 500 килограми микропластика секоја година во околината. Процената на влијанието на ЕЦХА укажува дека годишно се ослободуваат 16 килотони микропластика од вештачка трева. Но ЕУРИЦ ги доведе во прашање овие бројки, тврдејќи дека само од 20 до 50 килограми годишно завршуваат во животната средина. Навазас порача дека ако се воведат мерки за управување со ризик, тогаш навистина загадувањето ќе се сведе речиси на нула.
Според предложените правила, спортските терени што користат гумени полнења би можеле и натаму да се користат сè додека не се исцрпат тековните резерви на гумени гранули. По ова, од нив ќе се бара да се претворат во друг материјал што не се потпира на вакво внатрешно полнење.
Ставот на ЕУРИЦ е поддржан од Европската асоцијација на производители на пневматици и гума (ЕТРМА), која на сличен начин предупреди дека таквата забрана најверојатно ќе доведе до „враќање на отпадот во Европа, масовен извоз надвор од Европа и зголемување на трошоците за собирање, третирање и согорување на гумите, што значително ќе влијае на целите на циркуларната економија“. И покрај тоа што е против забраната, ЕТРМА, исто така, повика ЕУ да го поддржи развојот на алтернативни пазари за гумено полнење.

Мерки за ублажување на проблемот

Според ЕУРИЦ, најдобрата опција е да се спречи ослободување на отпадот од гуменото полнење во околината на прво место. Наместо забрана, трговското здружение се залага за употреба на задолжителни мерки за одржување на спортските терени. Тие вклучуваат монтажа на четки за чистење што ќе ги селектираат остатоците од гранули во близината на теренот, потоа со специјално дизајнирани решетки ќе се собира микропластиката на влезот и на излезот од терените, а ќе се додадат и микрофилтри во одводите за дождовница, со цел да се спречи навлегувањето на гранулите во канализацискиот систем. Иако таквите инсталации и доградба претставуваат дополнителен трошок за спортските клубови, помеѓу 3.000 и 29.000 евра во зависност од земјите, сепак тоа е околу 10 пати пониско од трошоците за префрлање на алтернативни типови терени, истакнува ЕУРИЦ.

Невладините организации ја поддржуваат забраната

Сепак, не сите организации се противат на спорната забрана. Невладините организации како „Загрозени мориња“, која се бори за заштита на морињата, и Алијансата за пренамена на пластика, која се залага за исфрлање на пластиката од употреба, изразија поддршка за нацрт-мерките за новата легислатива.
Фредерик Монгодин, висока службеничка за поморска политика во „Загрозени мориња“, изјави дека материјалите со гумено полнење опфатени со забраната обично содржат отровни адитиви, како што се тешки метали и испарливи органски соединенија. Хемиската сложеност на овие синтетички материјали ја намалува нивната биоразградливост, што ги прави поверојатно да опстојат во локалната средина, рече таа.
И покрај хемиската структура на полнењето, студијата спроведена од Комитетот за процена на ризик на ЕЦХА покажа дека спортските терени со гумено полнење не претставуваат ризик по здравјето на играчите, што е во согласност со наодите од независните студии нарачани од индустријата. Меѓутоа, доколку се консумираат, тие се штетни за локалниот див свет.
И покрај тоа што првично беше планирано да биде објавено пред крајот на 2022 година, прегледот на новата легислатива е одложен за 2023 година, по силен притисок од страна на хемиската индустрија, поддржана од централно-десничарската група ЕПП во Европскиот парламент.

Подготвил: Mарјан Велевски