Претседателот Румен Радев, сепак, успеа да формира нова влада на чело со Димитар Главчев, која треба да ја подготви земјата за вонредни парламентарни избори на 9 јуни, кога ќе се спроведат и европските избори

ШЕСТИ ИЗБОРИ ЗА ПОСЛЕДНИТЕ ТРИ ГОДИНИ

Бугарскиот претседател Румен Радев во вторникот назначи преодна влада на чие чело е поставен Димитар Борисов Главчев, претседателот на бугарската комора за ревизија. Тој ќе биде привремен премиер.
Радев повика и на предвремени парламентарни избори на 9 јуни – во исто време со изборите за Европскиот парламент. Гласањето на 9 јуни ќе биде шесто во последните три години за Бугарија, која се бореше да одржи стабилна влада.
Така, Бугарија се подготвува за уште едни општи избори – шести од април 2021 година – откако популистичката партија Има таков народ (ИТН) на 28 март одби да формира влада, третата партија што го одби мандатот.
Претходно, централно-десничарската ГЕРБ и нејзиниот поранешен коалициски партнер, прозападната Продолжи со промените/Демократска Бугарија (ЦЦДБ) изјави дека не може да формира нов кабинет.
Потегот на ИТН го отвора патот претседателот Румен Радев да назначи преодна влада и да закаже избори за два месеца.

МАНДАТОТ КАКО ЖЕЖОК КОСТЕН

Бугарија ќе гласа за Европскиот парламент на 9 јуни, така што изборите (парламентарните и за Европскиот парламент) би можеле да се одржат во ист ден, но тоа зависеше од способноста на Радев брзо да назначи преодна влада, што, сепак, му успеа.
По изборите во април минатата година, Бугарија имаше заедничка влада поддржана од реформистичката ЦЦСБ и ГЕРБ. Тие се договорија за 18-месечна влада со ротација на премиерите – прво Николај Денков од ЦЦББ и, по девет месеци, Марија Габриел од ГЕРБ.
Денков се повлече на 5 март за да дозволи ГЕРБ да ја води Владата во следните девет месеци, како што беше договорено. Но Габриел не успеа да формира влада, а на 27 март Денков ја отфрли и поканата на Радев да се обиде да состави кабинет.
Бугарија е најсиромашна од 27-те членки на Европската Унија и се бори со широко распространета корупција. Покрај тоа, таа се бори со политичка нестабилност по големите антикорупциски протести во 2020 година.
Пред изборите во април минатата година, земјата ја водеа преодни влади назначени од Радев во отсуство на стабилна избрана коалиција.

ИЗБЕГНАТА УСТАВНА КРИЗА

По уставните амандмани, претседателот може да избира помеѓу претседателот на Националното собрание, гувернерот или заменик-гувернерот на Бугарската народна банка, претседателот или заменик-претседателот на Комората за ревизија и народниот правобранител или неговиот заменик.
Преговорите за нова влада пропаднаа минатиот месец кога поранешната еврокомесарка Марија Габриел, која требаше да стане премиерка во договорената владина ротација, ја повлече својата номинација по мачните преговори меѓу нејзината централно-десничарска партија ГЕРБ и реформистичката антикорупциска алијанса на Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија (ПП-ДБ).
Инаку, Бугарија се наоѓаше и на раб на уставна криза бидејќи стана пракса назначувањето привремен премиер да станува сè потешко. Според измените на Уставот направени за време на Владата во заминување на Николај Денков, во случај на криза во кабинетот, претседателот повеќе нема право да назначува привремен премиер по свој избор.
Наместо тоа, претседателот мора да избере од списокот на високи функционери што се сметаат за потенцијални привремени премиери. На списокот се претседателот на Собранието, гувернерот на Народната банка и пратеници, народниот правобранител и замениците, првиот човек на Ревизорскиот суд и пратениците – вкупно девет лица.
Промената во Уставот беше направена за да се спречи Радев да владее преку преодните влади за време на спиралните владини кризи и последователните предвремени избори.
Во последниот трет обид во четвртокот (28 март), Радев ѝ го даде мандатот на партијата Има таков народ, која веднаш го врати мандатот.
Пропаднаа трите обиди за формирање влада, претседателот веднаш започна консултации со функционерите што се сметаат за потенцијални привремени премиери.
Сепак, ни тој обид нема да оди толку лесно, особено откако гувернерот на Народната банка, Димитар Радев, рече дека би било погрешно да се вклучи Народната банка во политичкиот процес, сигнализирајќи дека тој и неговите заменици ќе ја отфрлат номинацијата.
Дополнително, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, го повика претседателот да не ги назначува претседателот на Собранието, Росен Жељазков, и првиот човек на Судот на ревизори, бидејќи и двајцата се политички именувани од ГЕРБ.
Во исто време, народната правобранителка Дијана Ковачева, која се смета за политички најнезависна на листата, ќе ја напушти функцијата на 17 април за да ја преземе функцијата бугарски судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), додека нејзината заменичка Елена Чернева-Маркова поднесе оставка во средата. Х.И.


Оружје за Украина

Бугарија направи јасен проевропски пресврт, особено во однос на војната во Украина, во земја од ЕУ и НАТО, која остана поделена околу своите историски врски со Русија.
Претходните привремени влади одбија да испратат воена помош за Украина, но новата администрација испрати муниција, проектили и оклопни носачи во Киев.
Владата започна судски реформи во обид да ја зголеми независноста на обвинителите во нивната борба против ендемската корупција.
Исто така, започна мерки за да може да се приклучи на безвизната шенген-зона на ЕУ.
Сепак, аналитичарите предупредија дека новата криза најверојатно ќе ги уништи овие надежи и ќе го загрози обидот на балканската земја да го усвои еврото во 2025 година.