Контејнерот со банани во кои биле скриени 32 килограми кокаин неколкупати се враќал во Црна Гора, но никој не го преземал

Црногорските цариници при контрола на контејнер за ладење, во кој имало 40 килограми кокаин, ја прекинале акцијата со контролирана испорака на наркотици, која една година ја водела американската ДЕА за да се открие крајната дестинација. Контејнерот со кокаин што минатиот месец бил задржан во пристаништето Бар, неколкупати пристигнувал на територијата на Црна Гора, а со откривањето на недозволената пратка цариниците „не сакајќи“ спречиле да се открие примателот на пратката, објави „Вијести“.
– Најмалку пет пати овој контејнер бил во Црна Гора – вели извор близок на истрагата за весникот од Подгорица.

Кокаинот бил откриен на 14 јуни годинава, поделен во 32 пакувања во контејнер со банани. Царинските служби преку анализа на ризикот одвоиле за преглед два контејнера со банани што пристигнале од Еквадор, кои преку Малта пристигнале во пристаништето во Бар. При прегледот, со употреба на скенери, во делот за ладење на контејнерот, била воочена сенка чија боја укажувала на постоење на материјал од органско потекло. Цариниците пристапиле и кон физичка контрола и откриле сомнителна материја, за која основано се посомневале дека станува збор за кокаин, кој бил спакуван во 32 кеси од по еден килограм, стои во соопштението на Управата за царина.
Дрогата по налог на обвинителството ѝ е предадена на полицијата, а целата пратка тежела околу 38,8 килограми.
Извори на „Вијести“ тврдат дека ДЕА спроведувала операција на контролирана испорака, кога се пропушта одредена пратка за да се види кому е наменета и на тој начин да се разоткрие целиот синџир на шверцување, од испраќачот до дилерот на крајното одредиште. Ова, како што пишува весникот, било работено во соработка со некои полиции на државите во регионот, а во која била и полицијата на Босна и Херцеговина. Не е познато кога и каде првпат бил сместен кокаинот во просторот за ладење во одредениот контејнер.
– Ова траело со години. Можно е дека некој за ова поткажал во ДЕА, бидејќи контејнерот со дрогата толку време пловел низ светот, а никој не се обидувал да го преземе кокаинот – велат соговорниците за „Вијести“.

Експертите во врска со оваа акција велат дека царинските службеници прво морале да ја информираат полицијата пред да дозволат да се вклучат десетина лица, вклучувајќи ги и шпедитерите, да присуствуваат на физичкиот преглед на контејнерот. Спорниот контејнер ѝ припаѓа на позната светска компанија за контејнерски транспорт на море и на копно. Контејнерите што се оспособени за транспорт на расиплива стока им се изнајмуваат на шпедитери.
– Неделно во пристаништето во Бар пристигнуваат околу 50 контејнери со банани. Во ова пристаниште пристигнуваат испораките на банани за Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина – вели извор на полицијата за „Вијести“.
Црногорската полиција испрашала повеќе лица во врска со спорниот контејнер, а меѓу нив и возачот на камионот, кој требало да ја преземе пратката со банани, шпедитерот и поморскиот агент. Сите негирале дека имаат поврзаност со пратката кокаин. Нема информации дали некој во црногорската полиција знаел за операцијата на ДЕА, пред да биде откриена од Управата на царината на ЦГ.