Премиерот на Албанија Еди Рама смета дека Косово би требало позитивно да одговори на сместувањето на Авганистанците кои бегаат од својата држава, ако тоа го побараат Соединетите Американски Држави.

„Не знам дали Американците побарале од Косово да ги засолни Авганистанците кои биле изложени како пријатели и поддржувачи на сојузничките војски. Би сакал, ако побарале, владата на Косово да одговори позитивно, за својата чест и Косово, нормално“, напиша Рама на Фејсбук, пренесе „Б92“.

Тој рече и дека самиот на самитот на НАТО изразил загриженост во врска со животите на авганистанските соработници на Алијансата по нејзиното повлекување од Авганистан.

Во последните денови во албанските медиуми кружеше вест дека САД побарале од Албанија и Косово привремено да ги сместат Авганистанците кои се борат против талибанците во нивната земја.

Поранешната амбасадорка на Косово во САД, сега заменик-лидер на ДПК, Влора Читаку вели дека Косово мора да покаже солидарност и да прифати голем број бегалци од Авганистан.

Читаку на Фејсбук напиша дека граѓаните на Косово се запознаени со чувството на беспомошност кога некој е насилно исфрлен од куќата, како и болката и неизвесноста кога неволно се одделувате од оние што знаете и сакате.

„Денес, малото Косово, дури и со ограничени резерви, мора да покаже великодушност и да прифати бегалци од Авганистан“, рече Читаку.

Претседателот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај го поддржа барањето за сместување на Авганистанци во Косово, пренесува Лајм.

Во последните денови медиумите објавија дека САД побарале од пријателските земји засолниште за Авганистанците кои бегаат од талибанскиот терор.

Харадинај на Фејсбук напиша дека Косово треба доброволно да прими Авганистанци и да остане блиску до Соединетите држави, бидејќи тие биле со Косово кога ги вратиле граѓаните на Косово од Сирија.