Локалните телевизиски станици во Албанија покажаа снимки по земјотресот кој ја погоди земјата во раните утрински часови, од едно младо момче кое беше спасено од под урната зграда во крајбрежниот град Драч.

На снимката, од под скршена бетонска плоча се слуша повикот за помош на 17-годишното момче, кое моли за малку вода, со надеж дека спасувачите ќе успеат да го извлечат од под урнатините на четирикатницата. Момчето плаче и вика од болка додека спасувачите со помош на шипки се обидуваат да ја ослободат неговата приклештена нога од под урнатините.

Неколку часа подоцна, спасувачите успеаја да пронајдат друго дете под урната зграда во Драч. Вкупно 43 лица беа спасени од урнатините на зградите.

Повеќе од 600 лица биле примени во болница со повреди, а деветмна се хоспитализирани и се борат за живот.

-Ова е драматичен момент кога треба да го сочуваме мирот и да останеме еден до друг за да се справиме со овој шок – рече премиерот Еди Рама.

Покрај првичниот земјотрес околу 4 часот изутрината кој имал епицентар 30 километри северозападно од главниот град Тирана, на длабочина од 20 километри, забележани се голем број потреси, вклучувајќи три со јачина од  5,1 до 5,4 степени.

Најтешко погодени области се Драч, каде 11 од загинатите беа пронајдени под урнатите згради и северниот град Тумане, каде што беа извлечени уште пет тела од урнатините, соопшти Министерството за одбрана.