Косово

Во акцијата на специјалната косовска полиција, која почна вчераутро во 6 часот, во претежно српскиот град Штрпце, се уапсени 10 лица за кои постојат сомневања дека извршиле кривични дела земање поткуп, давање поткуп и злоупотреба на службената положба. Меѓу уапсените е и поранешниот градоначалник на Штрпце, Братислав Николиќ.
Специјалните единици на косовската полиција ја спроведоа обемната акција во Штрпце, а главниот обвинител на Основното обвинителство во Урошевац, Шукри Јашари, потврдувајќи ја акцијата, претходно соопшти дека „во тек е истрага за злоупотреба на службената положба“. Цел на акцијата, изведена по налог на Основното јавно обвинителство во Урошевац, била расветлување на кривични дела во врска со нелегални градби во Брезовица, на Шар Планина.
Слична акција се спроведе и на подрачјето на Приштина, пренесоа косовските портали, повикувајќи се на портпаролот на полицијата за регионот на Приштина, Даут Хоџа.
– Полицијата е во постапка на полициска акција во регионот на Урошевац и на Приштина и засега не можеме да дадеме други информации. По операцијата ќе бидете информирани за други детали – изјавил Хоџа.
Покрај Николиќ, уапсени се и директорот на Управата за урбанизам и други општински службеници, како и сопственици на неколку претпријатија.