Биста на Птолемај

Птолемај, владетел на Египет и основач на Птолемајската династија, бил роден во македонската област Еордаја, тогаш во составот на Македонското Кралство. Според историските извори, негов татко бил Лаг, кој имал отмено, но не и благородничко потекло, а неговата мајка потекнувала од кралски род, меѓутоа од споредна гранка.
Според една легенда, Птолемај бил вонбрачен син на великиот македонски крал Филип Втори, меѓутоа најголемиот дел историчари веруваат дека оваа легенда била создадена подоцна, кога Птолемај бил владетел на Египет, со намера да се зголеми неговиот престиж и да се оправда неговата кралска власт како фараон.
Се школувал при кралскиот дворец во македонската престолнина Пела. Кога престолонаследникот Александар, идниот Александар Македонски или Велики, се скарал со својот татко Филип, бил прогонет од Македонија, а Птолемај го придружувал. Следната година биле повикани назад.
Во текот на балканските војни што ги водел Александар Македонски, учествувал како хетајрос, меѓутоа немал некоја одредена должност. Во првите години на азискиот поход и војната против Персиската Империја, Птолемај многу ретко се сретнува во изворите.
Во 331 година пред нашата ера за првпат добил заповедништво над пешадиски одред, а идната година бил поставен за соматофилакс. Во 332 година пред нашата ера за првпат самостојно војува против персискиот водач Бес, кој се спротивставувал на македонската власт. Птолемај успеал да го победи и зароби бактрискиот сатрап Бес.
Во овој период, историчарите веруваат дека Птолемај бил едно од најблиските и најдоверливи лица на македонскиот крал Александар, иако за тоа не постојат соодветни извори. Нивниот заклучок се базира на тоа што кога бил откриен заговорот на пажовите против Александар, тој прв му ја соопштил веста и ноќта ја минал како стражар пред шаторот на Александар.
Птолемај особено се истакнал во текот на индискиот поход на Александар. При освојувањата на тврдините и другите места, тој заповедал со голем број војници. Во текот на големата свадба во Суза, Птолемај добил златен венец и се оженил со ќерката на Артабаз, сестрата на Барсина.
Поради недостиг од историски извори, истражувачите не можат точно да ги определат односите помеѓу Александар и Птолемај, но може да се претпостави дека бил еден од најверните следбеници на младиот македонски крал.

По смртта на великиот македонски крал Александар, започнува борба за превласт помеѓу неговите наследници. Во овие борби, Птолемај особено се истакнал. Неговиот стремеж за власт се забележува веднаш по смртта на Александар.
Според традицијата, секој македонски крал требало да биде закопан во Ајга (културниот центар на Македонците), затоа посмртните останки на Александар биле подготвени и испратени за Македонија. Но Птолемај насила го приграбил телото на македонскиот крал и го пренел во Александрија, каде што му изградил мавзолеј. Останките на Александар остануваат во градот што тој го основал сѐ до римскиот период, а подоцна се губат сите нивни траги.
Птолемај го грабнал телото на Александар надевајќи се дека ќе се издигне над другите што се стремеле да ја освојат власта.
Сѐ до крајот на својот живот, Птолемај водел внимателни дипломатски чекори и постојано ги менувал сојузништвата, во зависност од околностите и потребите. На крајот, успеал да ја наметне својата власт во Египет, се прогласил за фараон и ја основал последната египетска династија, позната како Птолемајска династија, која владеела сѐ до освојувањето на Египет од страна на Римјаните. Последен претставник на оваа династија е фамозната Клеопатра, љубовницата на Цезар и Марк Антониј.
Птолемај во историјата останува запаметен како воздржан, трезвен, самоуверен и мудар владетел со кралски темперамент.