Софија – Актуелната лидерка на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова, победи на првите директни избори за нов претседател на левицата со над 80 отсто поддршка. Нинова учествуваше на директните избори за претседател на партијата со уште тројца кандидати. („Опсервер“)

Атина – Грција најави набавка на четири нови фрегати во флотата на воената морнарица и модернизација на старите. Како што изјави грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, ќе бидат купени и 18 француски борбени авиони „рафале“.
– Дојде време да ги зајакнеме нашите вооружени сили. Ова е важна програма што ќе создаде национален штит – рече грчкиот лидер во Солун. („Франс прес“)

Белград – Главниот епидемиолог Предраг Кон најави дека доколку дојде до влошување на епидемиолошката состојба, ќе предложи онлајн настава. Главниот српски епидемиолог Предраг Кон соопшти дека од почетокот на учебната година во Србија со коронавирус се заразени 17 ученици, од кои 12 во Белград. (ТВ Прва)