Атина – Дијалог со Турција е можен доколку веднаш прекинат провокациите, во спротивно се отвора патот за санкции, било истакнато на средбата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и францускиот претседател Емануел Макрон на Корзика. Грчкиот премиер и францускиот претседател се сретнаа на маргините на состанокот на медитеранските земји од ЕУ, а случувањата во Источниот Медитеран и активностите на Турција биле во фокусот на разговорите. (МИА)

Загреб – На крајот на август годинава, во евиденцијата на Хрватскиот завод за вработување се регистрирани 151.368 невработени лица, што претставува намалување за 0,04 проценти на месечно ниво и зголемување за 32,2 проценти на годишно ниво, соопшти заводот.
На годишно ниво, бројот на невработени продолжува да расте со стапка од над 30 проценти. Така, во август годинава имало 36.870 повеќе лица во Заводот за вработување во Хрватска отколку во август 2019 година. („Индекс“)

Подгорица – Во Црна Гора секое петто лице од тестираните е заразено со коронавирус. Вкупниот број на активни случаи на ковид-19 во Црна Гора во моментов е 1.715. Вкупно заразени биле 6.222 лица. Бројот на починати од почетокот на годината е 114. („Б92“)


Бисер балкански

Кошаркарско обединување

– Создавањето единствена кошаркарска лига на Албанија и Косово е долгогодишна желба. На идеите им треба време да се случат и оваа желба се остварува. Ова ќе биде поттик за многу други иницијативи, а ќе придонесе за подигањето на нивото на натпревари и ќе создаде услови за подобар квалитет – изјави албанскиот премиер Еди Рама, при потпишувањето на договорот за создавање заедничка лига.
Договорот за единствена лига беше потпишан во Тирана од претседателите на националните кошаркарски сојузи. Кошарката е привиот спорт во „обединувањето“ на двете земји, а слични иницијативи има(ше) и за формирање заедничка царинска унија, со отстапување на пристаништето во Драч за косовските фирми. Кај политичките фактори во Албанија и во Косово одамна е присутна и идејата за политичко обединување на двете земји.