Новиот роман на еден од најзначајните српски современи писатели, Светислав Басара неодамна беше промовиран во домот на културата „Студентски град“ во Белград. Според објаснувањето на авторот, книгата содржи многу приказни што на духовит начин говорат за грди работи. „Контраендорфин“ остро се пресметува со српската митоманија и претставува своевидно продолжение на готскиот роман „Анриќевите скалила на ужасот“, кој е општествена критика на обичаите, но и на медиумската и политичката сцена.

– Би сакал „Контраендорфин“ да предизвика зголемено лачење на истоимениот хормон – познат само во ендокринологиите на балканските народи. А како се манифестира и на што личи, љубопитниот читател може да дознае од описите на експериментите со глувци во едно поглавје на романот – изјави Светислав Басара.
Книгата ја објави издавачката куќа „Лагуна“ и веќе може да се најде во книжарниците.
– Неисцрпниот хумор и хиперболата се главните оружја на писателот во овој роман – порачува издавачот.

Дали „хормонот на несреќата“ им е во крвта на балканските народи? Според книжевните критичари, „Контраендорфин“ несомнено е најдобриот и најубиствениот во венецот романи на Басара, кој го отвора „Почетокот на буната против дахиите“, кои ги тематизираат малигните и невралгични точки на поновата српска историја, култура и политика. Демистификацијата на националните големини и бардови, од Андриќ до Ѓилас, разобличувањето на божемните историски и биографски контроверзии, кај него секогаш се во служба на потсмевањето со погубниот српски менталитет, идеолошки занес и национална мегаломанија на неговите носители, чии самоуништувачки размери во литературна форма ги издигнува до гротеска и остра и беспоштедна сатира.

Колумнистот на „Данас“, Светислав Басара е добитник на голем број книжевни награди, вклучувајќи ја и Ниновата награда за романот „Подемот и падот на Паркинсоновата болест“. Неговите книги се преведени на англиски, француски, германски, унгарски, италијански, бугарски и на македонски јазик. М.Т.