Тирана – Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека на Балканот сѐ уште нема конечен мир поради нерешените проблеми, особено меѓу Србија и Косово, независна и суверена држава што Србија треба да ја признае.
Рама за телевизијата Франс 24, коментирајќи ја иницијативата „Отворен Балкан“, рече дека таа треба да го олесни движењето на стоки меѓу Албанија, Македонија и Србија и да ги отстрани границите. Според Рама, „Отворен Балкан“ не наметнува ограничувања и е отворен за сите, за да се подобри животот на граѓаните. („Коха“)

Софија – Веројатна причина за пожарот во ковид-одделението во болницата „Хаџи Димитар“ во Сливен, во кој загинаа три лица, е запалена цигара од еден од пациентите во просторијата, соопшти Министерството за здравство на Бугарија.
Од другите простории во пожарот нема повредени медицински персонал или пациенти. Пациентите се префрлени на други одделенија во болницата.
– Причината за пожарот сѐ уште не е јасна, до еден од креветите во собата е пронајдена запалка – додаде регионалниот гувернер на Сливен, Минчо Афузов. (ТВ21)

Сараево – Поранешниот висок претставник на меѓународната заедница во БиХ Валентин Инцко изјави дека ситуацијата во земјата никогаш не била потешка и оти државата може да се распадне.
– Целосно ја делам оцената на Кристијан Шмит. Тој го опиша трендот, ако продолжи вака, тоа би можело да се случи. Тоа може да го поткопа и Дејтонскиот договор, со кој беше воспоставен мировен поредок во БиХ во 1995 година – изјави Инцко за австрискиот весник „Пресе“. („Кликс“)


Бисер балкански

Влада без парламентарно мнозинство

– Собранието подолго време не ја остварува својата функција, бидејќи имаме 67 закони за кои со месеци се расправа. Ова не е политичка, туку институционална криза, која е многу посериозна. Состојбата може да се реши на три начини: со реконструкција на Владата, со изгласување недоверба или со распуштање на парламентот. Уставот на Црна Гора пропушти да дефинира вакви состојби, што е нонсенс. Ние немаме правно решение за тоа доколку не се усвои буџетот? Може да има привремено финансирање до 31 март. Сепак, апсолутно е системски неприфатливо Владата и Собранието да функционираат без буџет – изјави Ѓорѓија Блажиќ, стручњак за уставно право, во разговор за „Дојче веле“, за начинот на функционирање на црногорската влада, која веќе пет месеци нема поддршка од мнозинството во парламентот.