Позначајните заклучоци од анкетата на јавното мислење во шесте земји од Западен Балкан, која ја објави „Јуропиен Вестерн Балканс“, се дека целосно членство во ЕУ е најпожелна опција за сите земји, освен за Србија, каде што економската интеграција (без целосно членство) во ЕУ е на првото место. Но, исто така, граѓаните на Балканот се свесни дека во Унијата ќе бидат само „вториот ешалон“…

Иако кредибилитетот на ЕУ кај граѓа­ните од Западен Балкан е сериозно нарушен

Кредибилитетот на Европската Унија кај граѓаните во земјите од Западен Балкан е сериозно нарушен, по целосното замрзнување на процесот на проширување на неопределено време. Давањето согласност на Македонија и Албанија за почеток на преговорите за зачленување во ЕУ, според многу меѓународни аналитичари, е последната шанса на Брисел да го врати угледот кај балканските народи, но и да го одврати регионот од влијанието на други геополитички играчи. По неисполнувањето на ветувањата од ЕУ за давање датум за почеток за преговори со Македонија, и покрај направените големи национални отстапки за решавање на спорот со Грција, се засили евроскептицизмот во земјите од регионот. На нарушениот „рејтинг“ на Унијата влијаеја и внатрешните проблеми, предизвикани од поделеноста меѓу земјите-членки, но и случаите на криминал и корупција во кои беа инволвирани и високи државни функционери при злоупотребата на финансиските фондови на ЕУ.
За тоа какo размислуваат граѓаните од Балканот за евроинтегративните процеси, „Јуропиен Вестерн Балканс“ објави инфографика за анкетата на јавното мислење во шесте земји од регионот, која беше спроведена од „Биепаг“ и Европскиот фонд за Балкан (ЕФБ). Во графичкиот приказ се дадени одговорите што се однесуваат на прашањата за „наклонетоста“ на луѓето од различните земји за зачленување во ЕУ, како и за тоа кои се нивните очекувања за (не)поволностите, но и за нивните прогнози за приемот на нивните држави во европското семејство.

Целосно членство посакувана опција за сите, освен за Србија

Еден од најзначајните заклучоци во анкетата е дека целосно членство во ЕУ е најпожелна опција за сите земји, освен за Србија, каде што економската интеграција без членство во ЕУ е на првото место.
Интересно е и оценувањето кај жителите во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија, кои сметаат дека националната влада е најодговорна за бавниот прогрес за пристапување кон ЕУ, додека граѓаните од Косово и од Србија сметаат дека најодговорни се институциите на ЕУ. Наедно, Германија се смета за најголем поддржувач за членство во ЕУ во сите земји, освен во Србија, каде што водството го зема Унгарија.
На првото прашање, кое се однесуваше на тоа колку жителите се наклонети нивната земја да влезе во ЕУ, анкетираните во сите шест земји со највисоко мнозинство се изјасниле за влегување во Европската Унија, со исклучок на Србија. Со висока поддршка на граѓаните, од над 80 отсто, се Албанија (94 отсто), Босна и Херцеговина (83 отсто), Косово (90 отсто), Црна Гора (83 отсто). Во Македонија поддршката за зачленување во ЕУ изнесува 79 отсто. Најмала поддршка има во Србија, 53 отсто.
Граѓаните од Западен Балкан имаат различни очекувања од евентуалното приклучување во европската заедница на народите. Слободното движење е најважна придобивка за жителите на Косово, за што се изјасниле 71 отсто од анкетираните, а со висок процент се изјасниле и во БиХ со 59 отсто. Македонија е со 41 отсто, над 40 отсто се и граѓаните од другите држави од Западен Балкан.
Во подобрувањето на животниот стандард со приемот во ЕУ најмногу веруваат граѓаните од БиХ, додека најмали очекувања имаат во Србија, 37 отсто. Зачленувањето во ЕУ од аспект на мирот и безбедноста е најзначајно за БиХ со 41 отсто, Косово 35 отсто, а овој критериум е најмалку важен за Албанија (12 отсто). Во Македонија, 16 отсто очекуваат поголема безбедност со зачленувањето во ЕУ. Еднакви очекувања има во сите земји во однос на користа од социјалните поволности, со исклучок на Косово, каде што 41 отсто од граѓаните се надеваат на подобра социјална состојба. Македонците имаат најмалку очекувања од сите земји од Западен Балка во подобрувањето на демократските стандарди (со 11 отсто), додека кај другите земји се движи од 15 отсто во БиХ до 33 отсто во Албанија. Околу една петтина од анкетираните во сите земји пристапот до европските фондови го сметаат за позитивна придобивка од зачленувањето, додека најголеми очекувања имаат во Србија, 27 отсто.

Балканците свесни дека во Унијата ќе бидат „втор ешалон“

Граѓаните од Западен Балкан имаат и различни очекувања во однос на неповолностите што ги очекуваат нивните земји при зачленувањето во Унијата. Во Косово како најнеповолни ги оценуваат строгите услови за зачленување, за што се изјасниле 41 отсто од анкетираните. Поголемата изложеност на економска конкуренција и потребата за усогласување со скапите стандарди на ЕУ се „најпроблематични“ за граѓаните во Црна Гора (29 отсто) и во Македонија (25 отсто). Граѓаните во сите земји еднакво веруваат дека нивните матични држави никогаш нема да имаат иста политичка тежина како другите земји-членки во ЕУ.
Најоптимистични очекувања за временскиот прием во ЕУ имаат во Црна Гора и Косово, каде што граѓаните во висок процент, од 46 односно 45 отсто, очекуваат дека ќе влезат следните пет години. Во Македонија веруваат 28 отсто, а „најсомничави“ се во Србија, каде што 16 отсто од граѓаните се надеваат на членство во ЕУ за следните пет години. На среден рок, очекувањата се движат од 19 отсто во Македонија до 31 отсто во Црна Гора. Во перидот од дваесет години, очекувањата во сите земји се на пониско ниво и се од десет во Србија до 19 отсто во БиХ. За опцијата дека никогаш нема да бидеме примени најмногу одговори дале во Србија, 44 отсто, и во Македонија, 33 отсто.
За прашањето што треба да стори ЕУ за да го забрза процесот на приближување на Западен Балкан, 55 отсто од граѓаните на Косово очекуваат олеснување на условите за зачленување. Најмали очекувања во овој дел имаат во Македонија, 17 отсто. За заострување на условите во сите земји се изјасниле околу десет отсто, додека за засилување на притисокот врз балканските лидери најмногу се залагаат во БиХ (41отсто) и во Албанија (32 отсто). Во Македонија со највисок процент, од 18 отсто, се изјасниле за тоа ЕУ да се откаже од принципот на единство за одлуките за проширување. Ова е сосема очекувано ако се имаат предвид огромните притисоци и уцени на кои беше изложена нашата држава од страна на Грција и на Бугарија, кои беа единствени што се закануваа(т) со ставање вето за почетокот на преговорите со ЕУ. Сите земји од Западен Балкан се изјасниле за одобрување повисока финансиска помош за забрзување на процесот на преговори, а овој процент е највисок во Црна Гора (39 отсто) и во Македонија (33 отсто).