Поранешниот претставник на Пентагон задолжен за Балканот, Мајкл Карпентер, смета дека претстојните избори на Косово, како и изборите во Србија во 2020 година, би можеле да го забават постигнувањето на договорот меѓу Белград и Приштина. Карпентер, кој е актуелен директор на центарот „Пен Бајден“ во изјава за „Гласот на Америка“, вели дека внатрешните политички услови во Србија и на Косово се такви што идејата за размена на територии нема да успее.

– Не гледам што е планот Б доколку не успее идејата за разграничување меѓу Србија и Косово. Потребно е на Србија да ѝ се понуди нешто конкретно и побрзо од членство во ЕУ за признавање на независноста на Косово – вели Карпентер.

Тој не верува дека продолжувањето на дијалогот меѓу двете земји во формата што ја водеше Федерика Могерини, ќе резултира со договор. Сегашната американска администрација сака да го истражи секој агол и да ја искористи можноста да го реши спорот меѓу Белград и Приштина. На крајот, како што вели тој, сѐ ќе се заврши со договор меѓу големите политички играчи, меѓу Америка и ЕУ, и на договорот што ќе го постигнат лидерите, а тоа нема да биде лесно.

За евентуалната вклученост на Русија, Карпентер смета дека од перспективата на Москва е подобро да се одржува конфликтот меѓу Косово и Србија, затоа што со тоа се дозволува Русија да се претставува како чувар на српските интереси и противник на Косово.

– Геополитички гледано на Москва ѝ одговара да ја спречува Србија да се приближува кон Западот, Брисел или кон Вашингтон. Не мислам дека на Кремљ му е во интерес да се реши ова прашање – вели американскиот претставник.