Министерот за внатрешни работи на Република Српска, Драган Лукач на седница на парламентот на ентитетот во Бања Лука, предизвика инцидент напаѓајќи го пратеникот на опозицијата, Драшко Станивуковиќ, притоа нарекувајќи го и мајмун.

Лукач најпрво се јави за збор за време на дебатата за документот со наслов „Програма за реформи“, за кој опозицијата тврди дека ја води Босна и Херцеговина кон членство во НАТО, а владата на ентитетот ги негира ваквите тврдења.

Потоа Лукач му се закани на Станивуковиќ (Партија за демократски напредок), кој предничеше со остри критики на сметка на власта и тврдења дека таа, заедно со членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, ја замајува јавноста со лажни наводи за содржината на спорниот документ, пренесува хрватски „Индекс“.

На седницата на парламентот на Република Српска, додека Додик зборуваше кон него и другите претставници, Станинуковиќ делеше знаменца со логото на НАТО, а Лукач го предизвика да се обиде да го стори тоа и кај него.

– Додека се борев, над глава ми летаа авионите на НАТО. Гледав дали ми пуштат бомби врз глава. Не можеш да внесуваш вакви знамиња. Тогаш си бил мал, но сега треба да знаеш некои работи. Не го прави веќе тоа или ќе завршиш како твоите знаменциња – рекол Лукач, а пренесува порталот „Кликс“.

Кога Станивуковиќ му пријде и го праша зошто се заканува, министерот за полиција го удри помладиот колега со шлаканица, на изненадување на сите во салата.

По инцидентот, потпретседателката на парламентот на ентитетот, Жељка Стојичиќ, ја прекина седницата со која претседаваше.

По одложувањето на расправата, Лукач го коментираше инцидентот.

– Го турнав и го оневозможив да направи некаков потег што би можел да ме загрози – изјавил министерот за медиумите.