Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција нема аспирации кон туѓи права, територии, мориња и природни ресурси, но дека нема да дозволи некој да има претензии кон неговата земја.

– Ние ги браниме правата и интересите на нашиот народ и држава, како и пријателите во и надвор од нашите граници, на копно, вода, во воздухот и насекаде. Без двоумење отидовме и покажавме решителност и сила каде и да се појави закана за нашата земја, од Ирак и Сирија до Либија и Егејското Море. Ги надминавме и сите економски трикови што ни ги подметнуваа и им покажавме на луѓето дека сме со нив – рече Ердоган.

Германските медиуми неделава пишуваа дека е можен е конфликт во Егејското Море, откако Анкара објави дека ќе го испрати истражувачкиот брод „Орук Реис“ во близина на грчкиот остров Кастелоризо, што е на само три километри од турското копно.

Турција сака да ги испита потенцијалните подводни наоѓалишта на природен гас и нафта во таа област. Сепак, Грција ја смета оваа морска зона како своја територија на која има ексклузивно право да го истражува и експлоатира морското дно.

Покрај ова, неделава се одржаа протести низ цела Грција поради одлуката на Турција да ја претвори „Аја Софија“ во џамија.