Меѓународниот монетарен фонд во својот најнов извештај открива дека Албанија има најголем пораст на смртни случаи во Европа, споредено со просечната смртност во периодот 2015-2019 година. Според графиконот на ММФ, во 2020 година дополнителните смртни случаи во земјата биле за над 20 отсто повисоки од просекот во последните пет години, рангирајќи ја на прво место во Европа.
Високиот број на смртни случаи за време на пандемијата во Албанија е потврден и од извештајот на Европската комисија. Според ЕК, дополнителните смртни случаи во Албанија во текот на 2020 година биле за 27 отсто повисоки од просечните годишни бројки на смртни случаи во периодот 2016-2019 година
Албанскиот претседател, Илир Мета, реагираше во врска со рангирањето на Албанија како земја со највисока смртност во Европа од ковид-19, оценувајќи го како „алармантен факт, што треба да се сфати многу сериозно“.