Подгорица – Вкупниот државен долг на Црна Гора, без депозит, во декември минатата година изнесувал 4,33 милијарди евра или 103,28 отсто од бруто-домашниот производ (БДП), покажуваат податоците на Министерството за финансии и социјална заштита. Вкупниот државен долг со депозити изнесувал 3,46 милијарди евра или 82,48 проценти од БДП.
– Надворешниот долг изнесуваше 3,84 милијарди евра, односно 91,46 проценти од БДП, додека домашниот беше 495,56 милиони евра или 11,82 проценти од БДП – се наведува во извештајот за државниот долг објавен на веб-страницата на министерството. („Дан“)

Брисел – Европската Унија смета дека новите косовски институции треба да ја искористат можноста што таа им ја нуди со посредувањето во дијалогот со Србија, за да се дојде до успешен договор за помирување меѓу двете држави, порача портпаролот на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Петер Стано.
Стано изјави дека приоритетите што ги определил премиерот Албин Курти се многу значајни за Косово на внатрешен план, но дијалогот со Белград треба да биде главниот приоритет на косовската надворешна политика. („Клан Косова“)

Анкара – Турски и грчки министри за надворешни работи се состанаа вчера во Анкара во време на спор за резервите на природен гас во источниот Медитеран. Двете членки на Алијансата, Турција и Грција, се во расправија за морските граници и резервите на природен гас во источниот дел на Средоземно Море, и двете тврдат дека имаат право да го истражуваат и дупчат морското дно во потрага по енергија во истиот дел на морето, анализираат медиумите од регионот. По петгодишна пауза, Турција и Грција продолжија да разговараат за ова прашање во јануари. („Независен“)


Бисер балкански

Одложено раѓање

– Во 2021 година можеме да очекуваме пад на бројот на родените, како директна последица на коронавирусот, можно е луѓето да го одложиле раѓањето на децата за некој нареден период. Ова ни се случи и по бомбардирањето во 1999 година кога имавме намален број на родени. А потоа во 2000 и 2001 година од непознати причини, порасна бројот на новородени бебиња. Така, кога сево ова ќе помине, може да се случи т.н. компензациски период кога населението ќе се обидува да го надомести изгубеното раѓање – вели Гордана Бјелобрк, началничка на Одделението за демографија во Републичкиот завод за статистика, за Радио Слободна Европа.
Во Србија во 2020 година е забележан рекордно негативен природен прираст, меѓу другото и поради пандемијата на коронавирусот, што ги забрза лошите демографски трендови во Србија.