Подгорица – Приврзаници на власта на Мило Ѓукановиќ за синоќа најавија политички собир во главниот град на Црна Гора, чии организатори се претставуваат како „црногорски патриотски организации“. Повикот за митингот се појави на социјалните мрежи пред неколку дена, а следува по минатонеделниот пораз на Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Ѓукановиќ на парламентарните избори, на кои партијата ја изгуби власта по 30 години. („Макфакс“)

Анкара – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја предупреди Грција дека ќе мора да влезе во разговори за спорните делови на источен Медитеран или да се соочи со последиците.
– Или ќе го разберат јазикот на политиката и дипломатијата или ќе се соочат со болни настани на теренот – рече Ердоган на церемонијата на отворање болница во Истанбул..
(„Опсервер“)

Тирана – Уште еден лекар во Албанија почина како последица на ковид-19, кој е шести лекар што ја губи битката со опасниот вирус. Животот го изгуби Зулиха Краја (78), познат хирург во пензија од Скадар, еден од основоположниците на современата хирургија во земјата. („Локално“)


Бисер балкански

Малиот Тито

– Проблемот за Србија е што се обидуваат да го имитираат Тито. Вучиќ моментално мисли дека е малиот Тито и дека може да балансира меѓу глобалните сили во корист на Србија. Разликата е во тоа што Југославија била значаен играч на меѓународното поле и многу успешно балансирала меѓу Истокот и Западот. Србија се обидува да балансира меѓу Европската Унија, Русија, Кина, Америка… Ако продолжи така, ќе загуби на сите фронтови – вели Јануш Бугајски, виш соработник на Центарот за анализа за европски политики во Вашингтон.