Околу 200 мигранти што се наоѓаат во Велика Кладуша го блокираа граничниот премин Маљевац, незадоволни од одлуката на безбедносните служби со која им се забранува влез на хрватската територија.
– Мигрантите се преселија кон граничната линија меѓу Босна и Херцеговина и Хрватска, седнаа на патот и го блокираа одвивањето на сообраќајот низ граничниот премин. Немаше никаков физички контакт ниту инциденти – изјави Санела Дујковиќ, портпаролка на граничната полиција на БиХ.
Мигрантите биле придружувани од припадници на граничната полиција на БиХ и Министерството за внатрешни работи на Хрватска, кои го спречија натамошното патување до западноевропските дестинации.
Состојбата со мигрантите во БиХ последните денови ескалира поради незадоволството од локалното население, кое се противи тие да бидат сместени во урбаните средини. Поголемиот дел мигранти ноќите ги поминуваат во близината на граничната линија со Хрватска, а некои од нив биле и вратени назад.
Во исто време, полицијата не им дозволи на мигрантите што завчера пристигнаа со возот од Сараево во Бихаќ да го продолжат патувањето кон Хрватска. Исто така, било оневозможено и поминување на автобусите со мигрантите во кантонот Бихаќ, каде што имаше и масовни протести против згрижувањето на мигрантите во нивната средина.
Медиумите во БиХ информираат за тоа дека возот во кој имало стотина мигранти долго време стоел на станицата во Бихаќ, а полицијата не им дозволила да излезат од вагоните.
Оперативната група во текот на вчерашниот ден требаше да се состане за да се најде решение за бегалската криза во БиХ. Претходно, министерот за безбедност Драган Мектиќ и Владата на Унско-санскиот кантон се договориле мигрантите да се отселат од урбаните делови на кантонот.