Мисијата на Европската унија за владеење на правото во Косово – ЕУЛЕКС, во минатите десет години колку што функционираше, не успеа да постигне некој напредок во борбата против организираниот криминал и корупцијата во земјата, смета претседателот на Уставниот суд на Косово, Енвер Пеци.
Како што јавува дописникот на МИА од Приштина, Пеци во интервју за весникот „Зери“ оцени дека десетгодишниот мандат на европската правна мисија во Косово требало да заврши со решавање на повеќе случаи на организиран криминал и корупција, но судиите делегирани од ЕУ во тој правец речиси целосно потфрлиле.
– Тоа што ми пречеше кај оваа мисија, а што сум им го кажал и ним, беше мандатот на судиите и обвинителите. Последниве престојуваа можеби по година дена, го завршуваа мандатот и случаите кои ги покренуваа остануваа на половина пат. Како последица на таквиот мандат, се одолговлекуваа премногу процедурите, бидејќи законот предвидеува дека ако се смени судискиот состав случајот да започне одново. Ова го сметам за потфрлување од страна на мисијата и на оние кои мислеа дека ќе му помогнат на Косово- изјави Пеци.