Американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин денеска треба да имаат нов телефонски разговор, додека стравувањата дека Русија може да ја нападне Украина стануваат се поконкретни.

САД вчера предупредија дека таквиот напад би можел да се случи во следните 10 дена, а западните влади ги повикаа своите граѓани да ја напуштат Украина.

Откако американскиот претседател синоќа одржа конференциска врска со неколку светски лидери, неговиот советник за национална безбедност Џејк Саливан на новинарите им соопшти дека новата загриженост е дека нападот, з акој долго се стравуваше, може да почне и пред завршувањето на Зимските олимписки игри на 20 февруари.

-Најбрзиот начин да се стави крај на ова ќе биде Русија да ги деескалира своите сили – рече тој.

И Русија и САД тврдат дека другата страна го побарала телефонскиот разговор.

– Навистина, американската страна побара разговор со претседателот Путин, а разговорот меѓу двајцата претседатели треба да се одржи во вечерните часови – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Песков додаде дека „американската страна пред барањето, испратила и писмо“.

Тој, исто така, кажа дека Путин за денеска очекува и разговор со францускиот претседател Емануел Макрон.

Американски официјален претставник, пак, кажа дека телефонскиот разговор меѓу претседателите Русија го предложила за в понеделник.

– Контра-предлогот на Белата куќа беше разговорот да се одржи  в сабота, што тие го прифатија – рече претставникот.