Ако се гледа низ призмата на меѓународното право и неговата неприкосновеност, грижата за малцинствата е обврска на Бугарија прифатена уште со Парискиот мировен договор од 1947 година, така што повеќе од јасно е дека правните обврски никогаш не престануваат да важат и не застаруваат ниту 75 години по нивното прифаќање, особено ако документот е депониран во Обединетите нации. Имено, во членот 2 од Парискиот мировен договор, Бугарија како поразена земја во Втората светска војна се обврзува на почитување на сите демократски принципи, меѓу кои и почитување на различните малцински права и правото на нивно организирање на територијата под бугарска јурисдикција

Уште еден меѓународен договор во меѓународното право што содржи несоборливи правни аргументи во полза на Македонија

Бугарија продолжува со игнорантскиот однос кон македонското малцинство на нејзина територија, со објаснување дека бугарскиот устав не предвидува колективни права, туку индивидуални, со што флагрантно го прекршува Парискиот мировен договор, со кој уште пред 75 години се обврзала дека ќе ги почитува малцинските права на своја територија.
И наместо Бугарија да се држи до она што пред повеќе години го потпишала пред ОН, со цел сојузниците да ѝ го дозволат правото да биде меѓународен субјект и признаена држава, таа целосно ги занемарува своите обврски од договорот и спроведува иста геноцидна политика поради која своевремено беше казнета во Втората светска војна.
Бугарија го прави тоа и ден-денес, иако веќе 15 години е членка на Европската Унија и има обврска да ги почитува европските критериуми во поглед на малцинските права, но вешто се оглушува на тоа и продолжува да игнорира 17 пресуди на Судот за човекови права во Стразбур, донесени во полза на Македонците во Бугарија.
Ако се гледа низ призмата на меѓународното право и неговата неприкосновеност, грижата за малцинствата е обврска на Бугарија прифатена уште со Парискиот мировен договор од 1947 година, така што повеќе од јасно е дека правните обврски никогаш не престануваат да важат и не застаруваат ниту 75 години по нивното прифаќање, особено ако документот е депониран во Обединетите нации.
Имено, во членот 2 од Парискиот мировен договор, Бугарија како поразена земја во Втората светска војна се обврзува на почитување на сите демократски принципи, меѓу кои и почитување на различните малцински права и правото на нивно организирање на територијата под бугарска јурисдикција.
Ова што сега се случува со непризнавањето на македонското малцинство во Бугарија не може да се протолкува никако поинаку, освен како директно прекршување на членот 2 од Парискиот мировен договор, за што Македонија има право да реагира како земја наследничка на поранешна Југославија, која е потписник на овој договор во 1947 година, а која беше на страната на сојузниците. Во согласност со меѓународното право, земјите наследнички ги преземаат сите обврски на земјата од која произлегле, вклучувајќи почитување и спроведување на сите договори потпишани пред сукцесијата.
Правниот застапник на Македонците во Бугарија, Тони Менкиновски, категорично тврди дека Македонија е правен наследник на поранешна Југославија, па затоа може да ги алармира ОН дека Бугарија го прекршува Парискиот мировен договор во делот на почитувањето на правата на малцинствата.

– Македонија апсолутно е земја наследник на Југославија и слободно може да се повикува на сите договори потпишани од поранешната држава. Ние бевме во федерација, така што кога се потпишувале меѓународни договори, тие важеа и во републиките што се посебни држави. Ние сме правен наследник и следбеник на Југославија, па затоа и нашето собрание ратификува договори што претходно поранешната држава ги ратификувала. Тие се влезени во нашиот правен систем – вели Менкиновски.
За него, Македонија има апсолутно право да ги алармира ОН дека Бугарија го прекршува Парискиот мировен договор од 1947 година.
– Бугарија со замки, индукции и дедукции се обидува да ги избегне своите обврски од договорот, со кој се обврзала да ги почитува малцинските права. Во Македонија има многу подготвени експерти за меѓународно право, но никако да излезат на површина. Постои хронологија, закономерност во сè, исто и во правото. Не можете вие да анулирате мировен договор, документ што е потпишан. Тие треба да го почитуваат, во спротивно, ако не го почитуваат мировниот договор, тоа е вовед во војна. Гарант на тој договор се ОН, што дава уште поголема тежина. За жал, нашите политичари не работат доволно да ги искористат овие правни аргументи – вели Менкиновски.
Според него, Македонија може да поднесе тужба и до Судот за човекови права во Стразбур за непочитување на Европската конвенција за човекови права од страна на Бугарија за непочитувањето на 17-те пресуди што се донесени таму.
– Има многу работи што може да ја подобрат нашата ситуација, но не се прават, или некој не сака да ги направи. За нас одлучуваат луѓе што не се кадарни, за жал – заклучува Менкиновски.
И професорот по меѓународно право од Универзитетот во Белград, Игор Јанев, смета дека Бугарија мора да се грижи за македонското малцинство во согласност со Парискиот мировен договор.

– Со Парискиот акт од 1947 година, Бугарија мора да се грижи за малцинствата, па дури мора да плаќа и репарации – вели Јанев.
За академик Катица Ќулафкова не е спорно дека Македонија може да се повикува и да се повлекува од договори што ги склучила поранешна Југославија, но, според неа, тоа треба да го направат институциите.
– Можеме многу работи да повлечеме и прекинеме (договори), да се повикаме на многу склучени договори при основањето на ООН и преку Југославија, а кои се однесуваат на Македонија, ама треба институциите да го направат тоа и стручните лица што ја знаат постапката – вели Ќулафкова.
Според неа, македонската актуелна власт (од независноста наваму) се оглушува на експертските укажувања дека се направени многу повреди на конвенции, закони, права и правда.
Професорката Наташа Котлар-Трајкова од Институтот за национална историја, анализирајќи го токму прекршувањето на спорниот член 2 од Парискиот мировен договор, смета дека Македонија треба да ги информира ОН и ЕУ дека Бугарија го прекршува договорот потпишан во 1947 година.
– Македонија како наследник на Југославија може да се повика на Париската мировна конференција бидејќи тие не се анулирани, туку ние треба само со една нотификација, посебен вид дипломатско писмо, да ги известиме сите, и нашите соседи и ОН и Европската Унија дека се повикуваме на нашите права врз основа на Парискиот мировен договор како правен наследник на поранешна Југославија и да заземеме една сосема друга положба во однос на преговарањето – порачува Котлар-Трајкова.