Идеите за релативизирање на бугарскиот фашизам, кои пред извесно време најпрвин дискретно се провлекуваа низ македонскиот јавен простор, а од скоро сѐ повеќе низ некои медиуми и пишувања на колумнисти, несомнено, одат на линијата за ретуширање на светската историја и антифашизмот. Според професорите со кои се консултиравме, со таквите сѐ почесто искажувани ставови во јавноста, на одреден начин, одредена група влијателни јавни личности подготвуваат „анестезирано општество што треба да проголта уште некој горчлив залак со кој се разградува и понатаму македонскиот национален идентитет“…

Македонскиот антифашизам е на една страна од историјата, а бугарскиот фашизам сосема на другата

Во последно време се добива впечаток дека зачестија обидите во одредени кругови на македонската интелектуална јавност да се омекнат, па дури и да се најдат аргументи за „подносливоста и потребата од прифаќање на бугарските уцени“. Такво нешто излегува на јавна сцена преку вербални изјави, но и пишани ставови во македонскиот медиумски простор, искажани од домашни интелектуалци. Имено, обидите да се протне тоа „на домашен терен“ се навидум дискретни, некако како небрежно нафрлени идеи за омекнување на формулацијата „фашизам“ или „окупација“, што несомнено историски се врзуваат за Бугарија. Уште повеќе, дури се прави обид за образложување на таквите ставови, за видоизменување на историските факти и се говори дека можеби истото тоа треба да се прифати „доколку тоа е цената за нашето затскривање под европската стреа“… Сето тоа е придружено со сомнежи за (не)можноста за преживување во таква европска средина на „вечната македонска фиданка“… Сугестибилноста на таквите искажани ставови и идеи, според нашите соговорници со кои се консултиравме, се движат по линијата на некој нов и извртен „тренд за историски ревизионизам што има свои корени и во Европа и во светот, за некаква толерантна ’поствистина’ и ’постисторија‘ во која ’емоциите на грешниците се порелевантни од фактите‘“ (?!).

Историски факти и вистина наместо „постисториска поствистина“

Имено, прифаќајќи ги уцените на Бугарија, спакувани во пакет 5+1, со кои меѓу другото македонската страна треба да се откаже од антифашистичките основи на својата државност со АСНОМ (ослободувајќи ја Бугарија од црната дамка на нејзиното фашистичко минато),Македонија, според таквите релативизаторски идеи, би дала свој придонес во трендот на „постисториска поствистина“. За интересот на овие идеи, треба да „вреди“ да се жртвуваат историското автентично постоење на македонскиот народ и темелните вредности на македонската држава како антифашистичка, национално еманципирана и социјална држава.
Според историчарката Наташа Котлар-Трајкова, ваквите идеи, кои навидум дискретно се провлекуваат низ македонскиот јавен простор, несомнено се на линијата на ревизија на светската историја, но и на одреден начин нѐ подготвуваат како „анестезирано општество да проголтаме уште некој горчлив залак со кој се разградува и понатаму македонскиот национален идентитет“.
– Крајно несоодветно е пласирањето (повеќе подметнувањето) на таквите идеи во македонскиот јавен простор, за можноста за уште едно „проголтување“ „горчлив залак“, во име на „европската стреа“, или некаква „членска карта за ЕУ“. Многу ги сакаме и почитуваме европските вредности, но не по цена на бришење на македонските национални вредности и македонската државност. Уште едно повлекување од историските позиции на Македонија како држава, преку откажување од нејзините антифашистички основи, по барање на Бугарија за бришење на нејзината фашистичко-окупаторска улога од македонските споменици и документи, освен што претставува ревизионизам на светската историја, значи и самопоништување на темелната вредност на постоењето на Македонија како држава. Подметнувањето на историско-ревизионистичките идеи ми наликува на подготовка за анестезирање на македонското општеството да го прифати она на што премолчано се согласиле македoнските политичари (без разлика, од власта или од опозицијата). Се чини дека по Преспанскиот договор, како Македонија да нема право на своја надворешна политика. Таа се сведува на попустливост, која се покажува дека не нѐ води кон подобар живот, економски напредок и понатаму нѐ држи далеку од ЕУ. Дури и историски е докажано дека таквиот пристап на попустливост на државите во надворешната политика е погрешен и погубен за државата што го применува – вели историчарката Наташа Котлар-Трајкова.

Обидите за бугарски историски ревизионизам во нашите медиуми не се случајни

– Сите обиди во нашите медиуми, со кои на еден или друг начин им се дава поддршка на бугарските обиди за девалвирање на нивниот срамен фашизам во Втората светска војна, не се случајни. Сето тоа е оркестрирано, како од нашите капитулантски власти така и од меѓународниот фактор, чија неоспорна цел е бришење на македонизмот. Целта на Софија е да докаже дека не била окупатор на Македонија во Втората светска војна, туку администратор, или со други зборови – ослободител. Нашите поддржувачи на овие политики отвораат терен тие нецивилизациски и антиисториски настојувања да добијат простор и да бидат прифатени. Секое прифаќање на ваквите небулози води директно во реализација на политиките дека сме „втора бугарска држава“ – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.