Фото: Принтскрин

Заради одвраќање на напливот од емигранти, Велика Британија ја стави Албанија на британскиот список на безбедни земји

Британската влада ги обелодени новите планови, според кои, барателите на азил што пристигнуваат во Велика Британија од земји што британското Министерство за внатрешни работи ги смета за безбедни набрзо ќе бидат депортирани. Ова се совпадна со одлуката на британската министерка за внатрешни работи Суела Браверман, која токму на овој список на безбедни земји, каде што на лицата што доаѓаат од тие земји не им е дозволено да бараат азил, ја вклучи и Албанија. Инаку, според британските емиграциски служби, токму од Албанија има голем раст на бројот на лица што илегално влегуваат на британска територија.
Албанските граѓани сочинуваат од 12.000 од 43.000 лица што досега оваа година го поминале каналот со моторни чамци. Списокот ги вклучува сите земји на ЕУ, како и Албанија, Македонија, Молдавија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Индија, Монголија, Јужна Африка, Јужна Кореја и голем број јужноамерикански земји.
Плановите се дел од напорите на министерката Браверман да го намали бројот на лица што го минуваат каналот со моторни чамци. Измената, исто така, ќе го рационализира владиниот процес за барање азил, каде што барањето обично трае повеќе од една година.
Браверман претходно пред британскиот парламент изјави дека доколку опозициската Лабуристичка партија „би била на чело, тие ќе им дозволат на сите албански криминалци да дојдат во оваа земја“, на што остро реагираше премиерот Еди Рама. Тој ја нападна Владата на Велика Британија, велејќи дека Лондон мора да престане да ги обвинува Албанците за сопствените „неуспеси во политиката“, како укор на „лудото“ резонирање на британската министерка за внатрешни работи Суела Браверман.